петок, 9 јануари 2026

Трамп ги повлекува САД од десетици меѓународни и тела на ОН

САД ќе се повлечат од 35 тела надвор од ОН и 31 тело на ОН, а како причина за повлекувањето Доналд Трамп наведува судир со националните интереси на САД. Потегот ја одразува скепсата на Трамп кон мултилатералните институции, вели Ројтерс. Меѓу телата од кои САД ќе излезат е и Рамковната конвенција на ОН за климатски промени.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата изјави дека Соединетите Американски Држави ќе се повлечат од десетици меѓународни и тела на Обединетите нации, меѓу кои и од еден клучен климатски договор и тело на ОН што промовира родова еднаквост и зајакнување на жените, затоа што тие „делуваат спротивно на националните интереси на САД“.

Меѓу 35-те тела надвор од ОН и 31-те тела на ОН што Трамп ги наведе во меморандум доставен до високите претставници на администрацијата се наоѓа и Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени — која многумина ја опишуваат како „темелен“ климатски договор и матичен договор на Парискиот климатски договор од 2015 година.

Соединетите Држави минатата година за првпат по три децении го прескокнаа годишниот меѓународен климатски самит на ОН.

„Соединетите Држави би биле првата земја што ќе се повлече од Рамковната конвенција на ОН за климатски промени“, изјави Маниш Бапна, претседател и извршен директор на Советот за одбрана на природните ресурси.

„Секоја друга држава е членка, делумно затоа што препознаваат дека, дури и надвор од моралниот императив за справување со климатските промени, присуството на масата за преговори претставува можност да се влијае врз огромни економски политики и можности“, рече Бапна.

САД ќе се повлечат и од Телото на ОН за жени, кое работи на родова еднаквост и зајакнување на жените, како и од Фондот за население на ОН, агенција на меѓународната организација фокусирана на планирање на семејството и на здравјето на мајките и децата во повеќе од 150 земји. САД минатата година го прекинаа финансирањето на Фондот за население на ОН.

„За телата на Обединетите нации, повлекувањето значи прекин на учеството или на финансирањето на тие тела, во рамките на она што го дозволува законот“, стои во меморандумот. Трамп веќе во голема мера ги намали доброволните придонеси за повеќето агенции на ОН.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, не одговорил веднаш на барањето од Ројтерс за коментар.

Трамп скептичен кон мултилатералните организации

Потегот на Трамп ја одразува неговата долгогодишна скепса кон мултилатералните институции, особено кон Обединетите нации. Тој повеќепати ги доведуваше во прашање ефикасноста, цената и отчетноста на меѓународните тела, тврдејќи дека тие често не им служат на интересите на САД.

Откако го започна својот втор мандат пред една година, Трамп настојуваше значително да го намали американското финансирање за Обединетите нации, го прекина ангажманот на САД со Советот за човекови права на ОН, го продолжи замрзнувањето на финансирањето за Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци и ја напушти културната агенција на ОН, УНЕСКО. Тој, исто така, најави планови за напуштање на Светската здравствена организација и Парискиот климатски договор.

Меѓу другите тела на списокот на САД се Конференцијата на ОН за трговија и развој, Меѓународниот енергетски форум, Регистарот на ОН за конвенционално оружје и Комисијата на ОН за градење мир.

Белата куќа соопшти дека десетиците тела од кои Вашингтон настојува што е можно побрзо да се повлече промовираат „радикални климатски политики, глобално управување и идеолошки програми што се во судир со суверенитетот и економската сила на САД“.

Се наведува дека овој потег е дел од ревизијата на сите меѓународни меѓувладини организации, конвенции и договори.

„Овие повлекувања ќе го прекинат финансирањето од американските даночни обврзници и вклученоста во тела што ги унапредуваат глобалистичките агенди на сметка на приоритетите на САД, или што неефикасно или неделотворно се занимаваат со важни прашања, така што средствата на американските даночни обврзници подобро е да се насочат на други начини за поддршка на релевантните мисии“, соопшти Белата куќа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ