„Да, претседателот Путин, исто така, доби покана преку дипломатски канали да се приклучи на овој одбор. Моментално ги разгледуваме сите детали од овој предлог и чекаме контакт со американската страна за да ги разјасниме сите нијанси“, кажа тој.
Формирањето на „Одборот за мир“ беше објавено минатата недела, неколку месеци по постигнувањето на кревко примирје во Газа, како тело кое ќе ја надгледува демилитаризацијата и реконструкцијата на Газа, како и воспоставувањето на преодна палестинска влада. Сепак, врз основа на нацрт-повелбата, американските медиуми сега пишуваат дека Трамп го замислил одборот како институција со пошироки овластувања, еден вид алтернатива на Обединетите нации, организација која долго време ја критикуваше.
„Голема чест е да објавам дека е формиран ОДБОРОТ ЗА МИР. Неговите членови ќе бидат објавени наскоро, но можам со сигурност да кажам дека тоа е најдобриот и најпрестижниот одбор што некогаш е формиран некаде“, напиша Трамп во петокот на својата социјална мрежа Трут соушал.
Блумберг пишува дека одборот е опишан во повелбата како „меѓународна организација чија цел е да промовира стабилност, да воспостави сигурно и законско управување и да обезбеди траен мир во областите погодени од или загрозени од конфликт“.
Атлантик пишува дека повеќе информации ќе бидат објавени на Светскиот економски форум во Давос, кој започнува денес. Американскиот претседател објави дека одборот ќе го сочинуваат „најважните лидери на најважните нации“.
Блумберг пишува дека Трамп ќе биде негов инаугуративен претседател и ќе одлучи кој е член, а секоја држава ќе учествува во работата на тоа тело не подолго од три години од стапувањето во сила на повелбата, освен ако не плати една милијарда долари.
Одлуките ќе се донесуваат со глас на мнозинството држави, но со потврда од претседателот на тоа тело, објавуваат американските медиуми.
Белата куќа изјави дека извештајот на Блумберг е погрешен и нагласи дека нема цена за приклучување кон одборот, пренесува Ројтерс. „Тоа едноставно обезбедува трајно членство на партнерските земји кои покажуваат длабока посветеност на мирот, безбедноста и просперитетот“, напиша Белата куќа на социјалната мрежа Икс.






