вторник, 20 мај 2025

Трамп добива луксузен Ер Форс Уан од Катар, планира да го користи и по истекот на мандатот

Американскиот претседател Доналд Трамп треба да добие еден од највредните подароци што некогаш ѝ се дадени на американската држава – и планира да го задржи за себе.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според Еј-би-си њуз, катарското кралско семејство планира да му подари на Трамп луксузен Боинг 747-8, познат како „летечки дворец“, кој би станал негов нов Ер Форс Уан. Испораката на авионот се очекува за време на претстојната посета на Трамп на Блискиот Исток.

Според достапните информации, луксузниот Боинг 747-8 што катарското кралско семејство планира да му го подари на претседателот Доналд Трамп е познат по својот раскошен ентериер, вклучувајќи ѕидови во златна боја и позлатен мебел. Авионот е опремен со спална соба, салони, конференциски сали, мермерни бањи и големо скалиште.

Трамп наводно веќе го разгледал авионот во февруари додека бил паркиран на аеродромот Вест Палм Бич и лично го одобрил, објави Еј-би-си.

Според истите извори, авионот треба официјално да биде предаден на Фондацијата на Трамповата претседателска библиотека, пред крајот на мандатот на Трамп.

Иако размената на подароци меѓу државници е вообичаена, Уставот на САД им забранува на федералните службеници да прифаќаат лични подароци од странски државници без согласност на Конгресот. Сите подароци чија вредност го надминува минималниот праг (480 долари, според уредбата од март 2025 година) се сметаат за сопственост на американскиот народ и можат да се задржат само ако службеното лице ги откупи по пазарна вредност, според Претседателската библиотека и музеј Роналд Реган.

Трамп во последните месеци постојано јавно го критикуваше Боинг за доцнење во испораката на два нови претседателски авиони, склучени како дел од договор вреден 3,9 милијарди долари.

„Не ми се допаѓа дека толку се доцни“, им рече Трамп на новинарите во февруари додека беше во воздух на сегашниот Ер Форс Уан. „Нема изговор за тоа.“

Според извештајот на Си-ен-ен, вршителката на должноста шеф на набавки на воздухопловните сили на САД, Дарлин Костело, му рекла на Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом дека, според тековните преговори со Боинг, испораката на двата авиони би можела да се одложи за 2027 година.

„Не можам да го гарантирам тој рок, но Боинг моментално предлага 2027 година, ако постигнеме договор за измени во барањата“, рече Костело.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ