„За да ви покажам колку е смешна таа одлука, Судот кажа дека не ми е дозволено да наплаќам ниту еден долар од која било земја според законот ИЕЕПА, претпоставувам дека тоа би ги заштитило другите земји, а не Соединетите Американски Држави, кои треба да бидат заинтересирани за заштита“, напиша Трамп. „Но, дозволено ми е да прекинам каква било трговија или бизнис со истата таа земја, дури и да воведам ембарго што уништува странска земја и да им направам сè друго што сакам. Колку е тоа апсурдно?“
„Велат дека имам апсолутно право да издавам дозволи, но не и право да наплаќам надомест за дозвола. Која дозвола некогаш е издадена без право за надомест на такса?“, праша тој. „Но сега Судот ми даде несомнено право да забранам разни работи да влегуваат во нашата земја, многу помоќно право отколку што многумина мислеа дека го имаме“.
„Нашата земја е „најпосакуваната“ насекаде во светот, но сега одам во поинаква насока, таква што е уште посилна од нашиот првичен избор“, кажа Трамп, а потоа го цитираше издвоеното мислење од судијата Брет Кавано за да го поткрепи своето тврдење дека сè уште има широки овластувања за наметнување царини.
„Иако силно не се согласувам со денешната одлука на Судот, оваа одлука можеби нема значително да ја ограничи можноста на претседателот да воведува тарифи во иднина. Ова е затоа што бројни други федерални закони го овластуваат претседателот да воведува тарифи и би можеле да ги оправдаат повеќето (ако не и сите) од тарифите издадени во овој случај… Овие закони вклучуваат, на пример, Законот за проширување на трговијата од 1962 година (член 232); Законот за трговија од 1974 година (членови 122, 201 и 301); и Законот за тарифи од 1930 година (член 338)“, го цитираше Трамп судијата Кавано, додавајќи: „Ви благодарам, судија Кавано!“
Според толкувањето на Трамп, одлуката на Врховниот суд, иако веројатно ненамерна, всушност го зајакна и разјасни овластувањето на претседателот да ја регулира трговијата. „Всушност, иако сум сигурен дека немаа намера да го сторат тоа, денешната одлука на Врховниот суд ја направи способноста на претседателот да ја регулира трговијата и да наметнува тарифи помоќна и кристално јасна, а не помала“, напиша тој. „Нема повеќе да има сомнеж, а приходите што доаѓаат и заштитата на нашите компании и земја, всушност ќе се зголемат поради оваа одлука“.
Тој тврди дека Врховниот суд не ги укинува царинските давачки воопшто, туку само нивната примена преку еден специфичен закон. „Можноста за блокирање, ембарго, ограничување, лиценцирање или наметнување на кој било друг услов за можноста на странска земја да тргува со Соединетите Американски Држави според ИЕЕПА е целосно потврдена со оваа одлука“, оцени Трамп.
Трамп го заврши соопштението со објавување на конкретни мерки, наведувајќи дека постојните тарифи ќе останат во сила и дека воведува нови. „Затоа, веднаш стапуваат на сила сите тарифи за национална безбедност, Член 232 и постојните тарифи од Член 301 остануваат во сила и во целосна сила“, објави тој.
„Денес ќе потпишам наредба за воведување глобални тарифи од 10 отсто, според Член 122, покрај нашите вообичаени давачки кои веќе се наплаќаат, а исто така започнуваме неколку истраги според Член 301 и други истраги за да ја заштитиме нашата земја од нефер трговски практики“, напиша тој. Тој го заврши својот пост со слоганот: „Да ја направиме Америка повторно голема!“





