недела, 7 декември 2025

Трамп: Демократите поставија комунист за градоначалник на најголемиот американски град

Американскиот претседател Доналд Трамп за прв пат ја коментираше победата на Зохран Мамдани на изборите за градоначалник на Њујорк, обвинувајќи ги демократите за „екстремизам“ и тврдејќи дека резултатот покажува што, според него, Демократската партија би сакала да направи со целата земја.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи во Мајами на Американскиот бизнис форум, Трамп кажа дека победата на Мамдани, кого го нарече „комунист“, ја одразува политиката на демократите во Конгресот.

„Ако сакате да видите што демократите во Конгресот сакаат да направат со Америка, само погледнете ги резултатите од вчерашните избори во Њујорк, каде што нивната партија постави комунист за градоначалник на најголемиот град во земјата“, кажа Трамп.

„Се сеќавате кога реков дека никогаш нема да имаме социјалист на која било позиција во нашата земја? Тоа го кажав… ги прескокнавме социјалистите, поставивме комунисти“.

Трамп сепак порача дека е „отворен“ за соработка, иако претходно се закани дека ќе го намали финансирањето на градот. Зборувајќи на економскиот собир во Мајами, Трамп повторно го нарече Мамдани „комунист“, но за прв пат навести за можноста неговата администрација сепак да му помогне на Њујорк.

„Комунистите, марксистичките социјалисти и глобалистите имаа своја шанса и донесоа само катастрофа. А сега ќе видиме како еден комунист ќе се справи со Њујорк“, кажа Трамп.

Потоа додаде: „Ќе видиме како ќе испадне. И ќе им помогнеме. Ќе им помогнеме. Сакаме Њујорк да биде успешен. Можеби ќе им помогнеме малку“.

Новите изјави на Трамп доаѓаат откако тој предупреди пред изборите дека, во случај на победа на Мамдани, би можел да ги ограничи федералните средства за неговиот роден град „освен апсолутниот минимум кој е законски потребен“.

Трамп додаде дека „Мајами наскоро ќе биде засолниште за луѓето кои бегаат од комунизмот во Њујорк“, тврдејќи дека демократите се „толку екстремни“.

Неговите коментари се првиот значителен јавен одговор на изборниот резултат откако Мамдани ги победи републиканецот Кертис Слива и поранешниот гувернер Ендру Куомо, кој овој пат се кандидираше како независен кандидат. Трамп јавно го поддржа Куомо еден ден пред затворањето на гласачките места.

Претходно во текот на денот, за време на говор во Белата куќа, Трамп не ја спомена директно победата на Мамдани. Тоа се промени со говорот во Мајами.

„По резултатите од синоќа, одлуката пред Американците не можеше да биде појасна, ние избираме помеѓу комунизмот и здравиот разум“, кажа тој. „И додека сум во Белата куќа, Соединетите Американски Држави нема да станат комунистички на никаков начин, во никаков облик“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ