Министерството за правда и ФБИ во документ објавен минатата недела изјавија дека нема докази дека озлогласениот финансиер имал „список на клиенти“ или дека уценувал моќни и влијателни личности. Тие, исто така, го отфрлија тврдењето дека Епстајн бил убиен во затвор, потврдувајќи ја неговата смрт со самоубиство во њујоршкиот затвор во 2019 година и додале дека повеќе немаат намера да објавуваат информации за истрагата.
Овој потег наиде на неверување кај приврзаниците на екстремната десница, од кои многумина го поддржуваат Трамп со години, и громогласни критики за државната обвинителка Пам Бонди и директорот на ФБИ, Кеш Пател.
Во документот се наведува дека се објавени неколку часа затворски видеа кои дополнително потврдуваат дека Епштајн извршил самоубиство во затворска ќелија на Менхетен во 2019 година. Ова е спротивно на тврдењата и теориите на заговор што со години ги промовираат сојузниците на претседателот Трамп.
„Што не е во ред со моите момци, а во некои случаи и со девојките? Тие ја напаѓаат државната обвинителка Пам Бонди, која врши ФАНТАСТИЧНА РАБОТА!“, напиша Трамп во објава на неговата мрежа Трут соушл.
„Ние сме еден тим, МАГА, и не ми се допаѓа што се случува. Имаме СОВРШЕНА администрација, за која ЦЕЛИОТ СВЕТ ЗБОРУВА, а себичните луѓе сакаат да ѝ наштетат, сето тоа поради човекот кој никогаш не умира, Џефри Епстајн“, додаде тој.
Donald J. Trump Truth Social 07.12.25 05:21 PM EST
What’s going on with my “boys” and, in some cases, “gals?” They’re all going after Attorney General Pam Bondi, who is doing a FANTASTIC JOB! We’re on one Team, MAGA, and I don’t like what’s happening. We have a PERFECT…
— Commentary Donald J. Trump Posts From Truth Social (@TrumpDailyPosts) July 12, 2025
Многу верни поддржувачи на МАГА тврдат дека таканаречената длабока држава крие информации за соработниците на Епстајн од елитните кругови. Страсниот теоретичар на заговор Алекс Џонс објави на Икс дека одделот на крајот ќе каже дека „Џефри Епстајн всушност никогаш не постоел“, а Лаура Лумер, влијателна личност од крајната десница, го повика Трамп да ја отпушти Бонди, нарекувајќи ја „срамота“.
Вчера, Трамп застана во одбрана на Бонди, сугерирајќи дека таканаречените „досиеја Епстајн“ се измама измислена од Демократската партија за политичка добивка, без да прецизира каква корист сакале да извлечат од случајот.
„Со години слушаме за Епстајн, одново и одново. Да не го трошиме нашето време и енергија на Епстајн, некој за кого никој не се грижи“, рече Трамп, повикувајќи ги Пател и Бонди да се фокусираат наместо тоа на „наместените и украдени избори во 2020 година“.
На тие избори Трамп загуби од Џо Бајден. Трамп повикува на истрага што би се фокусирала на украдените избори, наместо „да ги разгледува истите стари досиеја на радикалниот левичар Џефри Епштајн со месеци“. „ПУШТЕТЕ ЈА ПАМ БОНДИ ДА СИ ЈА ВРШИ РАБОТАТА. ТАА Е ОДЛИЧНА!“, напиша Трамп.
Трамп, кој се појавува во најмалку едно видео старо неколку децении од забавата на Епстајн, ги негираше обвинувањата дека неговото име е во досиејата. Тој исто така рече дека немал директен контакт со финансиерот и дека „не бил пријател со него најмалку 18 години пред неговата смрт“.
„Теориите на заговор едноставно не се вистинити и никогаш не биле“, изјави директорот на ФБИ, Пател, неколку часа пред објавата на Трамп. Но, се чини дека некои не би се согласиле со тоа. Медиумските извештаи велат дека Ден Бонгино, влијателниот десничарски водител на поткаст кого Трамп го назначи за заменик-директор на ФБИ, се закани дека ќе поднесе оставка поради справувањето на владата со случајот Епстајн.






