„Што велите ние да наплаќаме такси? Повеќе би го сакал тоа отколку тие да го прават “, кажа тој, а пренесува Си-ен-ен.
Трамп оцени дека САД треба да го наплаќаат поминувањето поради, како што тврди, воениот успех во актуелниот конфликт.
„Зошто да не? Ние сме победници. Ние победивме. Тие беа воено поразени“, оцени тој.
Зборувајќи за можен крај на војната, Трамп нагласи дека повторното отворање на Ормускиот теснец мора да биде дел од договорот.
„Мораме да имаме договор што е прифатлив за мене, а дел од тој договор ќе биде слободниот проток на нафта и сè друго“, кажа тој на прес-конференција во Белата куќа.
Тој додаде дека прашањето за отворање на теснецот е различно од неговите други цели во преговорите.
Трамп посочи и дека тензиите меѓу САД и НАТО започнале кога првпат предложил преземање на Гренланд.
„Сè почна, ако ја сакате вистината, со Гренланд. Ние го сакаме Гренланд. Тие не сакаат да ни го дадат. И јас реков: „довидување““, кажа тој.
Неговите изјави доаѓаат во време кога односите со сојузниците дополнително се ослабуваат поради одбивањето на одредени земји да ја поддржат воената акција на САД против Иран и да помогнат во отворањето на Ормускиот теснец.
Трамп го нарече НАТО „тигар од хартија“ и ја намали важноста на западниот воен пакт, велејќи дека на САД не им требаат сојузници затоа што „тие воопшто не помогнале“.
Зборувајќи за нафтата, Трамп дополнително го разјасни својот став за контролата на енергетските ресурси, велејќи дека „пленот му припаѓа на победникот“.
„Доколку беше мој избор, ќе го направевме тоа – затоа што јас сум пред сè бизнисмен“, им кажа тој на новинарите, мислејќи на идејата за преземање на иранската нафта, иако призна дека таков потег може да биде политички ризичен.
Споредувајќи ја ситуацијата со Венецуела, Трамп изјави дека САД веќе воспоставиле блиско партнерство таму по промената на власта и дека презеле стотици милиони барели нафта.
Сепак, тој претходно денес призна дека не е сигурен дали американската јавност поддржува сличен пристап во Иран.
Трамп кажа дека САД имаат план според кој сите мостови и електрани во Иран би можеле да бидат уништени до полноќ утре ако Техеран не го отвори повторно Ормускиот теснец.
„Мислам, целосно уништување за 12 часа. И тоа би се случило за период од четири часа ако сакаме. Не сакаме тоа да се случи“, кажа Трамп.






