Во пост на својата социјална мрежа Трут соушал Трамп порача дека канадскиот премиер Марк Карни „грубо греши“ ако мисли дека Канада ќе стане „пристаниште за претовар“ преку кое Кина ќе испраќа стоки и производи во Соединетите Американски Држави.
„Ако гувернерот Карни мисли дека ќе ја направи Канада „пристаниште за претовар“ преку кое Кина ќе испраќа стоки и производи во Соединетите Американски Држави, тој длабоко греши.
Кина буквално ќе ја изеде Канада, ќе ја проголта цела, вклучително и уништување на нејзините бизниси, општественото ткиво и општиот начин на живот. Ако Канада склучи договор со Кина, веднаш ќе се соочи со 100% царина за сите канадски стоки и производи што влегуваат во САД“, напиша Трамп.

Иако Трамп води трговска војна на повеќе фронта подолго од една година, Канада овој месец се согласи на договор со Кина со кој се намалуваат царините за кинеските електрични возила, додека Кина за возврат ги намалува даноците за увоз на канадските земјоделски производи.
Заканата на Трамп доаѓа во време на сè пожестока размена на обвинувања меѓу него и Карни, додека иницијативата на американскиот претседател да го преземе Гренланд дополнително ги затегнува односите во рамките на НАТО.
Оваа недела, додека престојуваше во швајцарски Давос, Трамп кажа дека „Канада преживува благодарение на Соединетите Американски Држави“. Потоа ја повлече поканата до Карни да се приклучи на неговиот новоформиран Одбор за мир.
Инсистирањето на Трамп да го преземе Гренланд доаѓа откако тој постојано го доведуваше во прашање канадскиот суверенитет, па дури и предложи Канада да стане 51-ва држава на Соединетите Американски Држави.






