„Во раните утрински часови во неделата, на 20 април, во парохијата Плајас де Кујабено, на крајот од настанот кој се одржуваше за прослава на годишнината на заедницата Кичва, се случи инцидент во кој беа убиени две лица“, објави локална телевизија за убиството на локален жител и за насилството што следеше.
„Двете лица се припадникот на заедницата од областа и британскиот државјанин кој почина поради тежината на изгорениците“. Локалните медиуми објавија дека убиениот Еквадорец се викал Родриго Чавез.
Според извештајот на еквадорскиот портал Еквависе, мажот бил одведен во полициската станица во Плајас де Кујабено, зафрлено село во амазонската прашума. Додека бил таму група луѓе насилно влегле во станицата и го извадиле. Потоа бил запален на улица и починал од изгорениците со кои се здобил.
Друг локален извор, Екстра.ец, објави дека специјалните полициски единици пристигнале доцна поради отежнатиот пристап до областа, до која може да се стигне само по речен пат. Според извештаите, кога толпата пристигнала, полициските службеници во станицата наводно поради страв за сопствената безбедност процениле дека не можат да интервенираат.
Британското Министерство за надворешни работи наводно го следи случајот и работи со локалните власти за да ги потврди сите околности на инцидентот.