Двајцата вработени, млад пар пред веридба, Јарон и Сара, беа застрелани од терорист додека си заминувале од настан во Еврејскиот музеј во Вашингтон.
„Јарон и Сара беа наши пријатели и колеги. Тие беа во своите најубави години. Вечерва, тие беа застрелани од терорист додека си заминуваа од настан во Еврејскиот музеј во Вашингтон. Целиот персонал на амбасадата е скршен и потресен од нивното убиство. Нема зборови што можат да ја опишат длабочината на нашата тага и ужас поради оваа ужасна загуба. Нашите срца се со нивните семејства, а амбасадата ќе им биде на располагање во ова ужасно време“, објави израелската амбасада на Икс.
Осомничениот за убиството на двајцата вработени во израелската амбасада е идентификуван како 30-годишниот Елиас Родригез од Чикаго. Откако бил уапсен на местото на нападот, осомничениот призна дека го извршил убиството, велејќи дека го сторил тоа „за Газа“.
Нападот се случил додека двајцата вработени си заминувале од настанот во музејот. Според официјални лица, напаѓачот пукал во нив од непосредна близина, а една од жртвите била во критична состојба пред да почине во болница.
Напаѓачот се обидел да влезе во зградата на музејот откако го извршил нападот, преправајќи се дека е сведок, но бил спречен од обезбедувањето.
Портпаролот на израелската амбасада Тал Наим Коен потврди дека двајца вработени биле застрелани додека присуствувале на еврејски настан во музеј, пишуваат американските медиуми.
Тој додаде дека амбасадата има „целосна доверба во надлежните органи“ во САД и повика на брза истрага.
Извршниот директор на Американскиот еврејски комитет Тед Дојч вели дека комитетот го организирал настанот во музејот и изрази жал поради насилството.
Безбедносни претставници запознаени со детали од инцидентот изјавија дека маж кој се движел пред Музејот отворил оган, при што погодил маж и жена.
Пукањето се случило во близина на канцеларијата на ФБИ во Вашингтон, а агенти на ФБИ веднаш биле испратени на местото на настанот.
Американската државна обвинителка Пам Бонди го посети местото на злосторството.
Осомничениот извикувал „Слободна Палестина“.
Израелскиот амбасадор во ОН Дени Данон го нарече инцидентот „антисемитски тероризам“, додека министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем вети дека сторителот ќе биде повикан на одговорност.