До физички судир дојде вчера за време на бурна расправа за предлог-буџетот за 2026 година. Пратениците разменуваа тупаници, но на крај и законот за буџет и законот за финансискиот извештај за 2024 година беа усвоени.
Судирот избувна откако пратеникот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), Мустафа Варанк, за време на расправата за буџетот во Големото национално собрание на Турција изнесе изјави против лидерот на опозициската Републиканска народна партија (CHP), Озгур Озел.
Откако Варанк го нападна Озел поради фотографии направени на гробот на поранешниот пратеник Камер Генч, од говорницата реагираше заменик-претседателот на пратеничката група на CHP, Гокхан Гунајдин, обвинувајќи ја АКП дека намерно предизвикува контроверзии за време на расправата за буџетот.
Расправијата потоа ескалираше во размена на тешки обвинувања околу наследството на Мустафа Кемал Ататурк. По натамошните провокации, дојде до физичка пресметка — пратениците почнаа да се туркаат, а потоа следуваа и удари.
Инцидентот траеше околу десет минути. Пратениците се туркаа и се влечеа додека обезбедувањето и други парламентарци се обидуваа да ги разделат. И покрај тоа, парламентот продолжи со работа. Предлог-законот за буџетот за следната година беше усвоен со 320 гласа „за“ и 249 „против“, додека завршната сметка за 2024 година беше усвоена со 316 гласа „за“ и 247 „против“.
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган го поздрави усвојувањето на буџетот во објава на социјалната мрежа Икс. „Сакам предлог-законот за буџетот на централната држава за 2026 година, кој вечерва беше усвоен во Големото национално собрание на Турција, да биде од корист за нашата земја, нашиот народ и нашата економија“, порача Ердоган.






