Гробницата е подготвена во ниша меѓу капелата Паолина и Сфорца, во близина на олтарот на Свети Франциско, соопшти прес-службата на Ватикан. Базиликата Света Марија Велика беше омилената црква на Франциско и тој секогаш се молеше таму пред и по патување во странство.
Група сиромашни ќе го пречека телото на папата во базиликата, каде во сабота наутро во процесија ќе биде преместено од базиликата Свети Петар.
„Сиромашните имаат привилегирано место во Божјото срце. И така во срцето и учењето на Светиот Отец, кој го избра името Франциско за никогаш да не ги заборави. Затоа, група сиромашни и социјално ранливи луѓе ќе бидат присутни на скалите што водат до Папската базилика Света Марија Велика за да му оддадат почит на папата Франциско пред да биде ставен неговиот ковчег во гробот“, се вели во соопштението на Ватикан.
Погребната поворка, која ќе го придружува телото на починатиот папа од базиликата на Свети Петар до базиликата Света Марија Велика, ќе се движи полека, со брзина на од, за да им се овозможи на луѓето да го кажат своето последно збогум, изјави Матео Бруни, директор на прес-службата на Ватикан.
Преносот во живо ќе биде прекинат на влезот во базиликата Света Марија бидејќи погребот ќе биде едноставен, приватен настан, според желбата на папата, додаде Бруни.
Канцеларијата за протокол на Државниот секретаријат на Светата столица во четвртокот објави дека 130 делегации го потврдиле своето присуство на погребот на папата, вклучително и приближно 50 шефови на држави и 10 монарси.
Меѓу луѓето кои ќе присуствуваат на погребот на Франциско во сабота ќе бидат мигранти и бегалци, објави невладината организација Медитеранеа. Оваа добротворна организација неколку пати се сретнала со покојниот Франциско, а потврда за учество на погребот им испратила Префектурата на папската куќа.
Делегацијата ја сочинуваат спасувачи, мигранти и бегалци кои побегнале од либиските концентрациони логори, соопшти здружението.