Рускиот државен регулатор за комуникации воведе ограничувања на Телеграм, важна платформа за јавни и приватни комуникации во земјата, поради, како што наведе, неуспехот на компанијата да отстрани екстремистичка содржина.
Рускиот министер за дигитален развој Максуд Шадаев вчера изјави дека странски разузнавачки служби можат да ги видат на Телеграм пораките на руските трупи кои се борат во Украина.
Руските војници, воените дописници и политичарите велат дека апликацијата е широко распространета меѓу трупите – не само за комуникација со семејствата дома, туку понекогаш и за оперативни цели.
Како одговор на барањето на Ројтерс за коментар, компанијата соопшти: „Никогаш не се пронајдени прекршувања на енкрипцијата на Телеграм“.
Во соопштението се додава: „Тврдењето на руската влада дека нашата енкрипција е компромитирана е намерна измислица, насочена кон оправдување на забраната за Телеграм и принудување на граѓаните да користат државна апликација за пораки дизајнирана за масовен надзор и цензура“.
Русија блокираше или ограничи и други странски комуникациски платформи, како што се Ватсап на Мета и Фејстајм на Епл. Властите ги повикаа луѓето да се префрлат на новата апликација поддржана од државата, наречена Макс, отфрлајќи ги обвинувањата дека е дизајнирана како алатка за надзор.






