недела, 14 декември 2025

Татко и син убија 15 луѓе во Австралија, убиените се на возраст од 10 до 87 години

Полицијата на Нов Јужен Велс потврди дека во пукањето на плажата Бонди во Сиднеј биле убиени 16 лица, меѓу кои и еден од напаѓачите. Вториот напаѓач се наоѓа во критична состојба. Напаѓачите биле татко и син.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вкупно 40 лица се ранети. На плажата Бонди се одржувал настан по повод првиот ден од еврејската прослава на празникот Ханука. Нападот официјално е прогласен за терористички инцидент.

Полицијата соопшти дека на местото на настанот биле пронајдени две импровизирани експлозивни направи. Комесарот на полицијата на Нов Јужен Велс, Мал Лањон, изјави дека двете направи биле „активни“, односно способни за детонација, но подоцна биле онеспособени. Тој додаде дека направите биле „прилично едноставни во однос на конструкцијата“ и изрази задоволство што не биле активирани.

Извршниот директор на итната медицинска служба на Нов Јужен Велс, Доминик Морган, изјави дека екипите на итната помош пристигнале на плажата Бонди за помалку од 10 минути. Тој наведе дека првите интервентни тимови во првиот бран згрижиле 24 пациенти и дека на местото на настанот биле пронајдени 14 починати лица. Според неговите зборови, уште две лица починале во болница, со што вкупниот број на лицата згрижени во здравствените установи во Нов Јужен Велс се искачил на 42.

Комесарот на полицијата изјави дека властите не трагаат по трет сторител и потврди дека двајцата напаѓачи биле татко и син, на возраст од 50 и 24 години. Таткото бил убиен при полициската интервенција, додека синот сè уште се наоѓа во болница. При претресите било утврдено дека 50-годишникот имал дозволи за шест парчиња огнено оружје и дека сите шест биле пронајдени на местото на нападот.

Австралискиот премиер Ентони Албанез изјави дека „она што го видовме вчера беше чин на чисто зло“. Тој рече дека станува збор за чин на антисемитизам и тероризам на австралиска територија, на една од најпознатите локации во земјата – плажата Бонди. Додаде дека тоа место ќе биде „засекогаш обележано“ од „пустошот“ на антисемитизмот и најави дека знамињата низ целата земја денес ќе бидат спуштени на половина копје. Албанез истакна дека вчерашниот ден бил мрачен ден во историјата на нацијата, но дека Австралија како народ е посилна од кукавиците што го извршиле нападот и дека земјата никогаш нема да се покори пред поделбите, насилството и омразата.

На прес-конференција во Сиднеј се обратија и премиерот на сојузната држава Нов Јужен Велс, Крис Минс, и полициските челници. Минс повика на силно и јасно отфрлање на антисемитизмот во сите негови облици, нагласувајќи дека во Нов Јужен Велс и во Австралија нема толеранција за расизам и омраза кон Евреите. Тој потврди дека во нападот биле убиени 15 невини луѓе, како и еден од напаѓачите, и дека возраста на жртвите се движи од 10 до 87 години. Минс додаде дека 42 лица сè уште се наоѓаат во болница и ја повика локалната заедница меѓусебно да си помага, истакнувајќи дека станува збор за целен напад врз настан што требало да биде радосен и кој луѓето имале целосно право да го споделат со заедницата на плажата Бонди.

По пукањето на плажата Бонди, во болница биле пренесени четири деца. Некои од нив се во многу тешка состојба.

„Се надеваме и се молиме да преживеат. Следните неколку часа ќе бидат најтешки“, изјави за Еј-би-си њуз министерот за здравство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ