четврток, 29 мај 2025

ТАСС: Рускиот извоз на гас во Европа скокнал во првите четири месеци од 2025

Русија од јануари до април на Европа ѝ испорачала 5,76 милијарди кубни метри гас, за 13 отсто повеќе од лани, пресметала новинската агенција ТАСС врз основа на податоците на Европската мрежа на оператори на транспортни системи за гас (ЕНТСОГ). Во април испораките ослабеле поради високите температури и рекордните испораки на течен гас во Европската Унија, наведува ТАСС.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Така во четвртиот месец рускиот извоз на гас во Европа преку Турски тек паднал за 11 отсто во однос на март, на 1,25 милијарди кубни метри, најниско ниво од јуни минатата година. На годишно ниво, пак, пораснал за два отсто, напоменува ТАСС.

Просечната искористеност на капацитетот на Турски тек во европска насока во април изнесувала 41,7 милиони кубни метри дневно и била за 1,9 отсто повисока од истиот минатогодишен месец. На годишно ниво е намалена за осум отсто.

Гасоводот Турски тек ги поврзува Русија и Турција преку Црно Море и има капацитет од 31,5 милијарди кубни метри гас годишно. Преку него гасот стигнува во Турција и земјите од јужна и југоисточна Европа, од почетната станица Рускаја во близина на рускиот град Анапа на брегот на Црно Море.

Во моментов е единствениот гасовод преку кој рускиот гас стигнува во Европа, по прекинот на испораките преку Украина.

Во 2024 испораките на руски гас преку Турски тек во Европа скокнаа за 23 отсто, достигнувајќи 16,7 милијарди кубни метри, вклучувајќи рекордни 8,6 милијарди испорачани на Унгарија, пресметале од ТАСС врз основа на податоците на ЕНТСОГ.

Вкупниот руски извоз на гас преку гасоводите во Европа скокнал лани за 14 отсто, на 32,1 милијарда кубни метри. Испораките на гас во Турција се зголемени за 2,6 отсто, на нешто повеќе од 21 милијарда кубни метри. Покрај Турски тек, Русија на Турција ѝ испорачува гас и преку гасоводот Син тек, исто така преку Црно Море.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ