„Ако Израел сака да ја води оваа војна, има целосно право да го стори тоа. Тој е суверена држава и може да прави што сака. Но, не со американска поддршка“, објави утринава мрежата на Карлсон – Такер Карлсон нетворк.
Текстот предупредува дека војната со Иран може да произведе нова генерација тероризам или да доведе до смрт на илјадници Американци поради туѓата агенда.
„Се подразбира дека ниту една од тие опции не е во интерес на САД“, се наведува во текстот. „Но, постои и трета опција, да го пуштиме Израел. Сами нека си ги водат своите војни“, порача тој.
Такер Карлсон е американски конзервативен коментатор и медиумска личност, најпознат како водител на кабелските канали како што се Си-ен-ен, Ем-ес-ен-би-си и Фокс.
Тој го поддржа Трамп на претседателските избори и се залага за десничарска популистичка реторика, со контроверзни ставови за теоријата за расна замена, имиграцијата, политичката коректност и теориите на заговор. Тој беше критикуван за ширење дезинформации (особено за изборите и коронавирусот), како и за изјави што многумина ги сметаат за расистички и сексистички.