„Ако гледате исклучиво низ призмата на тоа што е добро за Соединетите Американски Држави, од перспектива на Америка на прво место, најлогичен сојузник би била Русија. Зошто? Бидејќи е најголемата земја во светот, најголемата копнена маса и има огромно минерално богатство и енергетски ресурси. Има многу нафта, гас, злато и сè друго што ви е потребно за функционирање на општеството. Тука е и силната армија, убедливо најголемата на европскиот континент, и огромните индустриски капацитети“, оцени Карлсон.
Тој додаде дека, според него, Русија би била најкорисен партнер за САД во случај на конфликт или потреба од сместување на американски воздухопловни бази.
Why are we defending mass murder in Gaza? Because our Greatest Ally demands it. It’s time to rethink that relationship. pic.twitter.com/IZcThHevpJ
— Tucker Carlson (@TuckerCarlson) December 11, 2025
Карлсон со години беше најгледаниот водител на Фокс њуз, каде што ја водеше емисијата Такер Карлсон тунајт. Тој е познат по своите десничарски ставови, критиките кон НАТО, имиграциската политика и американскиот ангажман во странство.
По напуштањето на Фокс њуз во 2023 година, тој ја почна својата програма на платформата Икс, каде што објавува интервјуа и политички коментари. Тој привлече меѓународно внимание со своето интервју со рускиот претседател Владимир Путин во 2024 година, што предизвика низа реакции во американската и европската јавност.
Со години Карлсон промовира низа теории на заговор кои му донесоа голема гледаност, но и сериозни критики. Најистакнат беше во промовирањето на тврдењата за изборна измама на претседателските избори во САД во 2020 година.
Тој исто така често ја споменуваше теоријата за „голема замена“, според која либералните влади намерно поттикнуваат масовна имиграција со цел да ја променат демографската слика на Западот. Во неколку наврати, тој ширеше сомнежи за ефикасноста и мотивите на вакцинацијата против ковид-19.
Тој често е обвинет дека е пристрасен кон Русија, особено за неговата реторика која ја намалува руската одговорност за војната во Украина и усвојува елементи од официјалните наративи на Москва. Неговото заминување од Фокс њуз следеше по спогодба од 787 милиони долари, во која се откри дека тој приватно признал дека обвинувањата за изборна измама се неосновани.






