вторник, 10 февруари 2026
Политико

Тајното оружје на Европската Унија да ги истисне кинеските компании

Европската комисија подготвува нови правила со кои би се ограничил пристапот на кинеските компании до профитабилни јавни договори на Европската Унија, преку заострување на безбедносните услови за користење на европските јавни средства, објави Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според официјални лица од Комисијата, во март ќе бидат претставени насоки со кои ќе се воведат дополнителни безбедносни барања за странски компании што конкурираат за јавни договори, со јасен фокус на кинеските фирми. Мерките ќе важат за сегашниот и идниот долгорочен буџет на Европската Унија во вредност од 1.800 милијарди евра, кој стартува во 2028 година.

Во услови на засилени геополитички и трговски тензии со САД и Кина, Брисел разгледува политики што ќе им дадат предност на европските компании во однос на странските конкуренти. Потегот е дел од поширока стратегија за ограничување на кинеското влијание во Европа.

Паралелно, европскиот комесар за индустрија Стефан Сежурне подготвува закон со кој би се ограничиле кинеските инвестиции и би се вовела обврска странските компании да соработуваат со локални партнери, заради заживување на европската индустрија. Ова се надоврзува и на француската иницијатива за проширување на принципот „Купувај европско“ врз целиот буџет на Унијата.

Сепак, критичарите предупредуваат дека поставувањето премногу услови за трошење европски средства може да ги зголеми трошоците, да предизвика трговски контрамерки и да ги погоди посиромашните земји што зависат од европските развојни фондови.

Новите ограничувања произлегуваат од клаузула воведена во 2024 година, со која се предвидуваат „безбедносни барања“ за јавни договори поврзани со стратегиски средства. Во март Комисијата ќе прецизира кои сектори ќе бидат опфатени и какви услови ќе важат, при што се разгледува и можноста кинески компании да бидат исклучени од производството на клучни компоненти, како инверторите за соларни панели.

Правилата ќе се применуваат и на проектите на Европската инвестициска банка. Иако Комисијата нема експлицитно да наведува конкретни држави, ефектот ќе биде ограничување на пристапот на странски компании до Европскиот фонд за конкурентност вреден 410 милијарди евра и до фондот „Глобална Европа“ од 200 милијарди евра за помош на земјите во развој.

Додека Франција ја поддржува оваа насока, група северноевропски земји, меѓу кои Естонија, Финска, Холандија и Шведска, предупредуваат дека фаворизирањето европски производи и услуги може да го поткопа пристапот до врвни технологии и да ги одврати инвестициите од Европската Унија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ