недела, 7 декември 2025

Тајна чет група на Каја Калас предизвика спор во Брисел

Тајна група на Сигнал која шефицата за надворешни работи на Европската Унија Каја Калас ја формирала за европските министри за надворешни работи предизвика расправија во Брисел околу транспарентноста и чувањето записи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според истражувачката платформа Следи ги парите (Follow the money – FTM), членовите на Комитетот за контрола на буџетот на Европскиот парламент објавија дека ќе ја испрашаат високата претставничка на ЕУ за таа група.

Четот е креиран за министрите за надворешни работи на ЕУ да можат директно да споделуваат информации на највисоко ниво.

Засега, Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) и земјите-членки останаа воздржани, наведувајќи дека објавувањето детали за дискусиите на групата би ја прекршило доверливоста и би ја ослабнало соработката во Советот.

ЕЕАС досега инсистираше дека во групниот разговор не се споделуваат чувствителни информации.

„Алатките за инстант пораки како Сигнал треба да се користат само за неформални размени, како што се, на пример, практични договори за состаноци“, изјави ЕЕАС за ФТМ во септември.

И покрај овие уверувања, групата на Сигнал станала редовен канал за доверлива, многу важна дипломатска комуникација на ЕУ, покажала истрага спроведена од платформата ФТМ со медиумските партнери, вклучувајќи ги германскиот јавен сервис СВР, данскиот јавен сервис ДР, шведскиот весник Дагенс нихетер, италијанскиот дневен весник Ил фато куотидијано и естонскиот неделник Ести експрес.

Сепак, надворешната служба на ЕУ соопшти дека пораките во групата „не се континуирано регистрирани или архивирани“.

Одговорот навестува и дека пораките автоматски се бришат по краток временски период, слично како кај претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, уште еден потсетник за тоа колку брзо исчезнуваат европските дигитални траги.

Молчењето околу четот предизвика загриженост за транспарентноста во Парламентот. Даниел Фројнд од Зелените кажал за ФТМ дека планира да ѝ постави прашања на Калас за време на дебатата за буџетот и се очекува да му се придружат и други пратеници.

„Ако во оваа група се разменуваат нешто повеќе од честитки за роденден, пораките мора да се зачуваат и архивираат“, кажа Фројнд. „Тоа е единствениот начин да се обезбеди транспарентност и одговорност“.

Безбедносните експерти се исто така загрижени. Иако Сигнал користи енкрипција од еден крај до друг, пораките на апликацијата сè уште минуваат низ американски сервери. Разузнавачките служби би можеле да детектираат скокови во комуникацијата, предупредува Валентин Вебер од Германскиот совет за надворешни односи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ