Весникот наведува дека американските претседатели се менуваа, додека Путин ја задржа својата власт.
Во текстот се оценува дека Путин ги „шармирал“ Клинтон, Џорџ Буш и Трамп, додека едвај се потруди да ја скрие својата ненаклонетост кон Барак Обама и Џозеф Бајден.
Анџела Стент, висока соработничка во Институтот Брукингс во Вашингтон и поранешен советник за американско разузнавање за Русија, рече дека Путин, благодарение на неговата работа во КГБ во Источна Германија, е многу добар во откривањето на психолошките типови и, како што наведе, затоа е способен лесно да манипулира со луѓето.
„И колку подолго е на функцијата, толку е подобар и поискусен во тоа. Тој се занимава со американски претседатели кои генерално имаат многу мало искуство со Русија и не ја разбираат многу земјата и културата. И тој може да им биде доста шармантен на свој начин“, вели Анџела Стент.
Таа истакна дека Клинтон, Буш и Трамп дале позитивни коментари за својот однос со Путин.
Анџела Стент оцени дека на Путин не му се брза да ја заврши војната во Украина и дека на Трамп, кој сака Нобелова награда за мир и да биде познат како „голем миротворец“, ќе му треба доста време за да го разбере ова и да воведе санкции кон Русија или да направи нешто друго.
Буш приватно го опиша Путин како „ладен тип“ пред да биде избран за претседател на САД во 2000 година, но се премисли на самитот САД-Русија во Словенија следната година, кога рече дека го смета рускиот претседател за „многу директен и доверлив“.
„Успеав да ја почувствувам неговата душа: тој е човек кој е длабоко посветен на својата земја и на најдобрите интереси на својата земја… го сака своето семејство. Делиме многу вредности“, рече Буш за Путин.
Тајмс наведува дека Буш веројатно го кажал ова бидејќи бил под влијание на приказната на рускиот претседател за православниот крст што му го подарила мајка му и кој единствено останал недопрен по пожарот во нивната куќа.
Кондолиза Рајс, која во тоа време беше советник за национална безбедност во Белата куќа, подоцна рече дека Путин веројатно ја измислил приказната.
Поранешниот полковник на КГБ, Генадиј Гудков, рече дека Путин добил многу повеќе искуство во манипулирањето со луѓето во своите интеракции со „криминалниот свет во Санкт Петербург“ во 90-тите години на минатиот век.
Советникот за национална безбедност на Трамп за време на неговиот прв мандат, Џон Болтон, рече дека Трамп мисли дека Путин е негов пријател.
„Мислам дека Путин воопшто не мисли дека е пријател на Трамп“, рече Болтон.
Путин едвај се потруди да ја скрие својата ненаклонетост кон Обама и Бајден, што беше взаемно, пишува британскиот весник.
Бајден му рече на Путин: „Мислам дека немаш душа“.
Според Бајден, рускиот претседател одговорил: „Ние се разбираме“.
Бајден, исто така, го нарече Путин „убиец“, предизвикувајќи гнев во Москва, а за време на форумот во Киев во 2023 година, тој рече дека рускиот претседател е „заразен со моќ и копнеж за пари“.
Средбите меѓу Обама и Путин беа ладни, иако двајцата лидери понекогаш се обидуваа позитивно да ги развијат односите меѓу Москва и Вашингтон.
Во 2016 година, за време на својот втор мандат, Обама за Путин рече дека „не е целосно глупав“.






