„Камбоџанските сили извршија континуирано бомбардирање користејќи тешко оружје, артилерија и ракетни системи БМ-21“, се вели во соопштението на тајландската војска. Исто така, се вели дека тајландските сили одговориле со соодветен оган според тактичката ситуација.
Тајланд вчера изврши воздушни напади врз воени цели во Камбоџа, додека соседната земја користеше ракети и артилерија, убивајќи цивили во драматична ескалација на долготрајниот граничен спор меѓу двете земји.
Најмалку девет тајландски цивили беа убиени во три провинции во вооружени судири што избувнаа меѓу Камбоџа и Тајланд вчера, соопшти тајландската војска. Меѓу убиените е и осумгодишно момче. Дополнителни 14 лица се повредени.
Соседните земји спорат за област која на кмерски јазик се вика Мом Беи, каде што се среќаваат границите на двете земји и Лаос и каде што се наоѓаат неколку антички храмови. Спорот трае со децении и доведе до крвави воени судири пред повеќе од 15 години и повторно во мај кога во борба беше убиен камбоџански војник.
Конфликтот повторно ескалираше вчера кога Камбоџа со ракети и артилериски оган го гаѓаше Тајланд, кој пак со борбени авиони Ф-16 изврши воздушни напади.






