„Постои само една вистина: обвинувањата против мене не стојат. Јас сум целосно невин. Врз основа на изнесените докази, можна е само ослободителна пресуда по сите точки од обвинението“, кажа Тачи, обраќајќи им се на судиите на крајот од завршните зборови на обвинителството и одбраната.
Заедно со Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи се обвинети за злосторства против Срби, Роми и Албанци „колаборационисти“ во повеќе од 40 притворни центри во Косово и на северот од Албанија.
Минатата недела обвинителите побараа сите обвинети да бидат прогласени за виновни и осудени на 45 години затвор.
Одбраната потоа побара судот да ги ослободи обвинетите, тврдејќи дека обвинителите не ја докажале нивната вина.
Тачи денес изрази жалење и сочувство за жртвите на Косово „без оглед на националноста“.
Тој го негираше тврдењето во обвинението дека бил протагонист на заеднички злосторнички потфат чија цел била да ја преземе контролата врз целото Косово преку насилство против сите кои ОВК ги сметала за „непријатели“.
Тачи кажа дека на пролет во 1998 година се вратил во Косово од Швајцарија, каде што студирал, бидејќи „не можев да стојам настрана додека моето семејство и мојот народ се соочуваат со истребување“, бидејќи „режимот на Слободан Милошевиќ имал план за геноцид во Косово“.
Обвинението дека целта на злосторничкото здружение била насилно преземање на контролата врз Косово, Тачи ја нарече „бесмислено и навредливо“ за Албанците што загинале, но и за НАТО и западните сили „со кои тесно соработувавме“.
„Мојот единствен противник и противник на Косово и демократскиот свет беше Милошевиќ… Од кого требаше да ја преземам контролата врз Косово? Од Милошевиќ, бидејќи Албанците немаа ниту моќ ниту авторитет, туку беа угнетени. Нашата мисија беше да преживееме и да се бориме за слобода и мир“, кажа Тачи.
Обвинетите нагласија дека „САД и НАТО беа нашата единствена надеж за спасение“.
„Милошевиќ ја почна војната, ние само се браневме. Само НАТО можеше да ја заврши војната. Да немаше интервенција на НАТО, Косово никогаш немаше да биде слободно и независно“, оцени Тачи.
Тој нагласи дека „никогаш не би го загрозил тоа сојузништво“.
Според Тачи, ОВК, спротивно на тезата на обвинителството, не била организирана армија, туку народно движење кое се бранело од српската „окупација“ која траела „90 години“.
Осврнувајќи се на преговорите во Рамбује, Тачи кажа дека албанската делегација „избрала мир и демократија, а Србија избрала војна и геноцид“.
Тачи индиректно негираше и дека, како шеф на самонаметнатата привремена влада, бил одговорен за злосторствата врз Србите и другите малцинства во Косово во летото 1999 година, по повлекувањето на српските сили.
„Нашата цел беше слобода на Косово, а не контролата врз него. Ја прифативме меѓународната контрола врз Косово и му го предадовме оружјето на НАТО. Власта беше во рацете на УНМИК. Соработував со нив за спроведување на мандатот на УНМИК во корист на народот на Косово“, кажа Тачи.
Тој изјави и дека во тоа време „ги поканил Србите да останат на Косово и да создадат нов живот заедно“, но и дека меѓу Албанците постоеле „гнев и желба за одмазда“.
Тачи ги повика судиите да им веруваат на меѓународните претставници кои сведочеа дека не е виновен за воени злосторства, како што се Џејмс Рубин, Весли Кларк и Кристофер Хил.
„Тие беа очите и ушите на Западот на Косово“, кажа Тачи, додавајќи дека обвинителите неосновано се обиделе да ги прикажат неговите сведоци како неинформирани.
Тој оцени дека многу од доказите на обвинителството се „фалсификувања од ерата на Милошевиќ“.
Тачи тврдеше дека „руската и српската страна го манипулирале (специјалниот известувач на Советот на Европа) Дик Марти“ да напише извештај за злосторствата на ОВК, врз основа на кој е формиран судот во Хаг, официјално наречен Специјализирани совети на Косово.
„Го формиравме овој суд за да се справи со обвинувањата на Дик Марти (за трговија со човечки органи), но ништо од тоа“, оцени Тачи.
Во продолжението на денешната седница, другите обвинети Весељи, Сељими и Красниќи се обратија пред судиите.
Според правилата на судот, пресудата против четворицата поранешни водачи на ОВК ќе биде изречена во рок од 90 дена од завршувањето на завршните зборови. Доколку на судиите им треба повеќе време за да одлучат, рокот за донесување пресуда може да се продолжи за уште 60 дена.
Сите обвинети се изјаснија како невини. Тие се притворени во Хаг од нивното апсење во Косово на 4 и 5 ноември 2020 година.
Судењето на Тачи и другите обвинети почна пред судот во Хаг на 3 април 2023 година, а обвинителите ја завршија својата доказна постапка на 15 април оваа година.
Специјализираните совети на Косово беа основани во 2015 година од страна на собранието на Косово под меѓународен притисок предизвикан од извештајот на Дик Марти за злосторствата на ОВК во Косово и Албанија, објавен во 2011 година.
Судот формално е дел од судскиот систем на Косово, но работи во Хаг. Во пресудите и другите документи, судот утврди дека постои постојана клима на заплашување и малтретирање на сведоци против обвинети членови на поранешната ОВК на Косово.






