Светската организација за прв пат го квантифицираше проблемот во однос на 22 антибиотици кои најчесто се користат за лекување на инфекции на уринарниот тракт, гастроинтестиналниот тракт или крвотокот, или сексуално пренослива гонореја. Најновите податоци се од 2023 година.
СЗО проучувале и различни комбинации на бактерии и антибиотици. Откриле дека отпорноста се зголемила во повеќе од 40 отсто од случаите помеѓу 2018 и 2023 година, за 5 до 15 отсто годишно, во зависност од комбинацијата на бактерии и антибиотици.
Студијата вклучувала околу 23 милиони податоци од повеќе од 100 земји. „Антимикробната отпорност е широко распространета и претставува закана за иднината на модерната медицина“, кажа Иван Хутин, епидемиолог и директор на одделот на СЗО за регионот на Источен Медитеран.
Во Југоисточна Азија и Источниот Медитеран една од три пријавени инфекции е веќе отпорна на проучуваните антибиотици. Според податоците на СЗО, 7,7 милиони луѓе починале од бактериски инфекции ширум светот во 2021 година, а 1,1 милион од тие смртни случаи се директно припишани на отпорност на антибиотици. СЗО итно повикува на повеќе истражувања и развој на нови антибиотици.






