Рик Пиперкорн од СЗО рече дека видел деца во клиниките кои изгледале години помлади од нивната возраст. Тој, исто така, вели дека посетил болница во северна Газа каде што 11 отсто од прегледаните деца страдале од акутна неухранетост.
„Она што го гледаме е растечки тренд на општа акутна неухранетост“, изјави Пиперкорн на прес-конференција преку видео врска од Деир ал-Балах. „Видов дете кое имаше пет години, а би рекле дека има две и пол.“
„Без доволно нутритивна храна, чиста вода и пристап до здравствена заштита, цела генерација ќе биде трајно погодена“, рече тој, предупредувајќи на застој во растот и нарушен когнитивен развој.
Израел постојано го обвинува Хамас за предизвикување глад со кражба на помош наменета за цивилите. Хамас го негира обвинението.
Поради блокадата, СЗО има доволно залихи за лекување само на 500 деца со акутна неухранетост, што е само мал дел од она што е потребно, рече Пиперкорн.
Веќе 55 деца починале од акутна неухранетост, вели тој, повикувајќи се на податоци од Министерството за здравство на Газа.
Претставникот на СЗО додаде дека видел многу деца во болници со болести како што се гастроентеритис и пневмонија, кои, поради намалениот имунитет поврзан со глад, можат да бидат фатални.
„Обично не умирате од глад. Умирате од болести поврзани со него“, рече тој.