четврток, 18 декември 2025

СЗО: Гигантите блокираат реформа на здравствената политика

Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека притисокот од компаниите кои произведуваат тутун, алкохол и ултрапреработена храна ги спречува владите да воведат здравствени политики кои спасуваат животи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Обединетите нации следниот четврток, за време на годишното заседание во Њујорк, ќе посветат ден на борбата против незаразните болести, како што се ракот и срцевите заболувања. СЗО наведува дека одредени производи придонесуваат за создавањето такви состојби.

Во посебен извештај СЗО откри дека вложување од 3 долари по лице во превенција и третман на незаразните болести може да спаси повеќе од 12 милиони животи и да генерира заштеди од трилион долари до 2030 година.

Меѓутоа, во соопштението на СЗО се додава дека владите честопати се соочуваат со интензивно лобирање од индустриите кои се обидуваат да ги блокираат, ослабат или одложат политиките – почнувајќи од здравствени даноци до ограничување на маркетингот за деца.

„Често се случува владите да се соочат со остро противење од индустриите кои заработуваат пари од нездрави производи“, кажа генералниот директор на СЗО Тедрос Адханом Гебрејесус на брифинг за медиумите.

Директорот на Одделот на СЗО за здравствени детерминанти, промоција и превенција, д-р Етјен Круг, изјави: „Неприфатливо е комерцијалните интереси да остваруваат профит на зголемениот број смртни случаи и болести“.

Претставниците на прехранбената, тутунската и алкохолната индустрија ја отфрлија таквата карактеризација, велејќи за Ројтерс дека ја поздравуваат можноста да придонесат во дебатата за начините за намалување на штетата и дека дијалогот е важен.

На состанокот на Обединетите нации владите треба да усвојат нови цели во борбата против незаразните болести и мапа на патот за нивно постигнување, но здравствените организации предупредуваат дека нацртот на политичката декларација веќе е значително разводнет.

Меѓународното здружение за храна и пијалаци изјави дека е погрешно да се изедначува храната со тутунот и алкохолот.

„Силно се спротивставуваме на карактеризацијата на нашата индустрија како кочница за напредокот“, додаде Роко Реналди, генерален секретар на индустриското здружение кое ги претставува компаниите за храна и безалкохолни пијалоци.

Тутунските компании изјавија дека дискусијата е важна.

„СЗО не треба да се плаши од дијалог – треба да го поздрави“, изјави портпаролот на Филип Морис интернешнл.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ