И покрај опаѓањето на пушењето тутун, младите Европејци се поттикнати сè повеќе да користат електронски цигари и нови ароматизирани производи со никотин, предупреди Одделот на Светската здравствена организација (СЗО) за европскиот регион, пренесе порталот Јуроњуз.
Според новиот извештај, 53 земји во Европа и Централна Азија до 2030 година ќе останат дел од светот со најголема потрошувачка на тутун.
„Употребата на тутун веќе предизвикува повеќе од 1,1 милион смртни случаи од незаразни болести секоја година во европскиот регион, и без забрзана акција во 2030 година ќе бидеме регион во светот со најлош резултат“, изјави директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге.
Во 2024 година, околу 173 милиони луѓе во европскиот регион на СЗО биле корисници на тутун.
„Имаме одговорност сега да го смениме правецот, да ги заштитиме младите луѓе од зависноста од никотин, да спречиме мешање на индустријата во здравствената политика и да спроведеме прописи што ќе спречат доживотна штета што може да се избегне“, истакна Клуге.
Се проценува дека во европскиот регион тутунски производи користат четири милиони деца на возраст од 13 до 15 години.
За СЗО најитен предизвик е запирањето на порастот на користењето електронски цигари, бидејќи нив ги користат 14,3 проценти од децата од 13 до 15 години, при што стапката е речиси идентична кај момчињата и девојчињата.
Меѓу возрасните, Европа со околу 31,4 милиони корисници е втора во светот по употреба на електронски цигари, веднаш зад Северна и Јужна Америка.
Европскиот регион е единствениот во светот за кој не се очекува да ја исполни целта за намалување на употребата на тутун кај жените за 30 проценти до 2025 година. Достапните податоци предвидуваат пад од само 12 проценти од 2010 година.
Повеќе од 40 проценти од возрасните жени пушачи во светот — околу 62 милиони — живеат во европскиот регион, со стапка на пушење од 17,2 проценти, што е речиси двојно повеќе од следното највисоко ниво од 9,1 проценти во двете Америки.
Тој тренд се одразува и кај електронските цигари: во речиси половина од земјите со достапни податоци, забележа СЗО, стапката на употребата на електронски цигари била повисока кај девојчињата отколку кај момчињата.
„Тоа не е случајност, туку резултат на намерна стратегија на индустријата насочена кон младите луѓе со производи со вкусови и софистициран маркетинг на социјалните мрежи“, рече Клуге.
Додаде дека Белгија, Данска и Холандија покажуваат дека е можно да се спротивстават на тоа со регулирање на новите производи, забрана на вкусовите и ограничување на рекламирањето.
„Секоја земја во европскиот регион треба да го прави тоа за да ги заштити идните генерации“, рече Клуге.
Европската Унија ги таргетира тутунските производи со нов пакет европски даноци, а Шпанија презема чекори за заострување на правилата за тутунот, казнувајќи ги родителите ако нивните малолетни деца пушат.
СЗО забележа дека меѓу 53 земји во европскиот регион само 18 имаат закони за забрана на пушење што ги покриваат сите јавни простори.
Некои — Франција, Финска, Италија и Шведска — воведуваат ограничени забрани на плажи, во училишта и паркови.
Во Европската Унија продолжуваат преговорите за ревизија на Директивата за оданочување на тутунот.
Сепак, првичниот предлог на Европската комисија до 2028 година да се зголемат даночните стапки, вклучително и за електронските цигари и кесичките тутун за шмукање, се соочува со противење од земјите членки и со можни одложувања на воведувањето на тие мерки.






