вторник, 16 декември 2025

Свикан состанок на „коалицијата на спремните“, ќе го водат Макрон и Стармер

Британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон ќе бидат копретседатели на состанокот на „коалицијата на премните“ следниот четврток преку видеоконференција од воздухопловната база Нортвуд во близина на Лондон за зајакнување на одбранбените капацитети на Украина против Русија, објави денес Елисејската палата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На состанокот ќе учествуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски и други лидери, вклучувајќи го германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџија Мелони, кои исто така ќе се сретнат во Рим на конференцијата за реконструкција на Украина, како и со други функционери во други престолнини, соопшти кабинетот на францускиот претседател.

„Секако, тие ќе разговараат за тоа како сериозно да се одржи борбената способност на Украина, да се обезбеди „обновување на украинската војска“ и да се распоредат „мировни сили во рамките на примирјето кога ќе дојде време“, сподели Елисејската палата.

Целта на тие мировни сили, кои сè уште се само во теорија, е да се гарантира безбедноста на Киев по евентуално прекин на огнот со цел да се спречи нова руска офанзива.

Европејците, кои би го сочинувале најголемиот дел од силите, не сакаат да бидат на првите линии и затоа се потпираат првенствено на украинските сили за да ги спречат Русите да ги прошират или продолжат непријателствата откако ќе престанат.

Затоа, идејата е да се зајакне украинската војска и да се доведе до стандардите на НАТО, така што ќе стане доволно моќна за да ја одврати Москва. Коалицијата на сојузниците на Киев, повеќе од триесет земји, има задача и да ја врати Европа во дипломатската игра.

Во четврток, дискусијата ќе се фокусира и на „како да се зголеми притисокот врз Русија да прифати безусловно примирје, кое таа постојано го одбива“, нагласи Елисејската палата.

Во едно од ретките признанија за слабост, американскиот претседател Доналд Трамп призна вчера дека не постигнал „никаков напредок“ кон завршување на конфликтот во Украина, за време на телефонскиот разговор со неговиот руски колега, Владимир Путин.

Разговорот меѓу Путин и Трамп се случи еден ден откако Вашингтон објави пауза во испораката на одредено оружје на Украина, што потенцијално го става Киев во тешка позиција додека руските трупи продолжуваат да напредуваат на првите линии.

Кремљ во петокот соопшти дека во оваа фаза „не е можно“ да ги „постигне“ своите цели во Украина преку дипломатски средства, продолжувајќи ја својата офанзива од големи размери.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ