петок, 6 февруари 2026

Светските цени на храната паднаа на најниско ниво од есента 2023

Светските цени на храната во јануари паднаа петти месец по ред, предводени од поевтинувањето на млечните производи, шеќерот и месото, соопшти денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), пренесе Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Индексот на ФАО за цените на храната, кој ги следи месечните промени на кошничка од меѓународно тргувани прехранбени производи, во јануари во просек изнесуваше 123,9 поени, што е за 0,4 отсто помалку во однос на декември и за 0,6 отсто помалку во споредба со истиот период лани, соопшти агенцијата.

Светските цени на храната во јануари се на најниско ниво од есента 2023 година, пред сè поради значително поевтините сирење и путер, соопшти ФАО.

Индексот е за 22,7 отсто понизок од највисокото ниво што го достигна во март 2022 година, веднаш по почетокот на руската инвазија врз Украина.

Цените на млечните производи забележаа најголем пад меѓу главните групи производи, со намалување од 5 отсто на месечно ниво, поттикнато од пониските цени на сирењето и путерот.

Цените на месото се намалија за 0,4 отсто, бидејќи поевтинувањето на свинското месо ги надмина поскапувањата кај месото од живина.

Цените на шеќерот паднаа за 1 отсто во однос на декември и беа за 19,2 отсто пониски отколку пред една година, одразувајќи очекувања за зголемена понуда.

Спротивно на тоа, минатиот месец поскапеа житарките и растителните масла.

Индексот на житарките на ФАО порасна за 0,2 отсто, бидејќи посилните цени на оризот, поврзани со поцврста побарувачка, ги надоместија благо пониските котации за другите главни житни култури.

Индексот на растителните масла порасна за 2,1 отсто, при што повисоките цени на палминото, соиното и сончогледовото масло ги надминаа пониските цени на маслото од репка.

Во посебен извештај, ФАО ја зголеми проценката за глобалното производство на житарки во 2025 година на рекордни 3,023 милијарди тони, со рекорден род на пченицата, крупните житарки и оризот.

Организацијата соопшти и дека светските залихи на житарки се очекува да се зголемат во сезоната 2025/26.

Зголемената прогноза за производството на пченица го одразува неочекувано добриот род во Аргентина, Канада и Европската Унија.

Во 2024 година, земјоделците во Индија требало да засеат пченица на најголемата површина откако се води евиденција, поради високите домашни цени и поволните временски услови. Во САД, пак, површините под пченица би требало да се намалат поради пониските цени и невообичаено сувото време во клучните производствени региони.

Залихите на крајот на сезоната, во јули годинава, би требало да бидат за 7,8 проценти поголеми отколку на нејзиниот почеток и да достигнат рекордни 936,4 милиони тони.

Трговијата со житарки се очекува да порасне за 3,6 проценти, покажуваат најновите проценки, и да достигне 501 милион тони.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ