понеделник, 9 март 2026
СИПРИ

Светот повторно се вооружува како во Студената војна – Европа најголем увозник, Полска рекордер

Светот повторно се вооружува со темпо какво што имаше за време на Студената војна. Нов извештај на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ) потврдува: Европа сега е најголемиот увозник на оружје на планетата. Пазарот директно го одразува растечкиот страв од војна на континентот и рекордното вооружување на Полска.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во последните пет години глобалните испораки на оружје се зголемиле за речиси десет проценти во споредба со претходниот петгодишен период, произлегува од новиот извештај на СИПРИ.

Трговијата со оружје и воена опрема денес повторно го достигнува приближно обемот што го имала на крајот на Студената војна во 1989 година. Во годините потоа, сè до почетокот на новиот милениум, таа значително опадна – за околу една третина.

Меѓу 2016 и 2020 година Азија и Океанија (42 проценти од целиот увоз) и Блискиот Исток (32 проценти) беа најважните региони за увоз на оружје. Европа со само 12 проценти беше на третото место.

Во меѓувреме тоа се промени. Во споредба со двата петгодишни периоди, увозот на оружје во европските држави се зголеми повеќе од трипати.

Европа сега е на првото место во светот по увоз на оружје – со удел од 33 проценти. Следуваат Азија и Океанија (31 процент) и Блискиот Исток (26 проценти).

Притоа повеќе не е само Украина таа што увезува оружје, иако таа останува најголемиот поединечен увозник во светот со удел од 9,7 проценти. Испораките за земјата што се бори за опстанок беа од 2022 до 2024 година најочигледниот и пресуден фактор за растот на купувањето оружје во Европа.

„И повеќето други европски држави почнаа да увезуваат значително повеќе оружје за да ги зајакнат своите воени способности поради она што го гледаат како растечка закана од Русија“, објаснува Метју Џорџ, еден од авторите на новата студија на СИПРИ.

Пазарот – би можело да се каже – го одразува растечкиот страв од војна во Европа.

Помалку американски испораки за Украина

Според податоците на СИПРИ, обемот на американските испораки на оружје за Украина во 2025 година бил значително помал отколку во претходните две години. Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја намали воената помош на својата земја за Киев.

Сепак, САД и понатаму се најважниот извозник на оружје за Украина. Дури и кога сојузниците на Украина – европските држави, Австралија или Канада – заеднички купувале големи количества оружје од САД и ѝ ги ставале на располагање на Украина, СИПРИ тоа и понатаму го води како американски извоз на оружје за Украина.

Сепак, Украина повеќе не е главната причина за понатамошниот раст на увозот на оружје во Европа.

Полска – рекордер во увоз на оружје

Имено, чувството на загрозеност од Русија, но и предупредувањата на Трамп кон Европејците силно ја поттикнаа побарувачката на европските членки на НАТО за оружје. Според извештајот, увозот на оружје во сегашните 29 европски членки на НАТО пораснал меѓу периодите 2016–2020 и 2021–2025 за 143 проценти.

Најголемиот увозник на оружје меѓу европските членки на НАТО и седми во светот е Полска. Загриженоста, но и решителноста на Полска особено се гледа во споредбата на двата петгодишни периоди. Обемот на полскиот увоз на оружје во периодот 2021–2025 бил повеќе од осум пати поголем отколку во периодот 2016–2020. СИПРИ бележи раст од 852 проценти.

Оваа земја, која се граничи со Украина и Белорусија, во групата европски членки на НАТО учествува со 17 проценти од вкупниот увоз. Тоа одговара на удел од 3,6 проценти во вкупниот светски увоз на оружје.

Следните најголеми увозници биле Обединетото Кралство (2,1 процент на светско ниво) и Холандија (1,8 проценти).

САД и натаму водечки извозник

Улогата на САД како „глобален дилер“ на оружје дополнително расте. Во периодот 2021–2025, според податоците на СИПРИ, на нив отпаѓале 42 проценти од сите меѓународни испораки на оружје – наспроти 36 проценти во периодот 2016–2020.

Американските испораки заминале во вкупно 99 држави, но најмногу во Саудиска Арабија и Јапонија. Експертот на СИПРИ за извоз на оружје Питер Веземан вели:

„САД дополнително ја зацврстија својата доминација како снабдувач со оружје дури и во сè помултиполарниот свет.“

Под Трамп, САД очигледно го гледаат извозот на оружје како инструмент на надворешната политика и како средство за зајакнување на сопствената воена индустрија.

САД се еден од најважните извозници на оружје за европските држави, заедно со Јужна Кореја.

Германија на четвртото место во светот

И европските држави ја зајакнаа својата улога како извозници на оружје, како Франција, која го зголеми извозот за 21 процент и се наоѓа на второто место по САД, но со далеку помал удел од 9,8 проценти.

Германија со удел од 5,7 проценти во светската трговија со оружје во последните пет години стана четврти најголем извозник во светот и ја престигна Кина (која најмногу извезува во Пакистан, Тајланд и Србија).

Италија го зголеми извозот дури за 157 проценти и на светско ниво е на шестото место со удел од 5,1 процент.

И Индија и Пакистан значително го зголемија увозот на оружје. Двете држави во последните пет години беа меѓу десетте најголеми увозници на оружје во светот.

Блискиот Исток

Колку сегашните потреси на Блискиот Исток дополнително ќе ја поттикнат регионалната трговија со оружје засега може само да се претпоставува. Сепак, увозот на оружје во земјите од Блискиот Исток во последните пет години вкупно се намалил за 13 проценти.

Но три земји од регионот и натаму се меѓу десетте најголеми увозници на оружје во светот: Саудиска Арабија (6,8 проценти од светскиот увоз), Катар (6,4 проценти) и Кувајт (2,8 проценти).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ