Во моментов се губат околу 1.000 глечери годишно, а таа стапка би можела да се искачи на 3.000 годишно уште околу 2040 година, дури и ако земјите ги исполнат своите цели за намалување на јаглеродните емисии, вели Њу саентист.
Најмалку 4.000 глечери се стопиле во изминатите две децении. Ландер ван Трихт од ЕТХ Цирих во Швајцарија и неговите колеги користеле климатски модели за да предвидат што ќе се случи со 211.000 глечери во светот во текот на наредниот век под различни сценарија на глобално затоплување.
Според сегашните климатски цели светот оди кон затоплување од 2,7°Ц над прединдустриските температури во овој век. Тоа би значело дека 79 отсто од светските глечери ќе исчезнат до 2100 година. Ако човештвото, пак, го ограничи глобалното затоплување на 2°Ц, ќе исчезнат 63 отсто од глечерите.
„Ќе изгубиме многу од нашите глечери, но имаме и можност да зачуваме голем дел од нив“, вели Дејвид Раунс од Универзитетот Карнеги Мелон во Питсбург, Пенсилванија, кој учествувал во студијата.
Доколку земјите не ги исполнат своите цели и светот се загрее за 4°Ц, ќе бидат изгубени 91 отсто од глечерите.
Се очекува топењето на глечерите да го зголеми нивото на морињата за 25 сантиметри во овој век. Исто така, ќе го намали летното топење на снегот и мразот од кое многу региони зависат за наводнување. Две милијарди луѓе живеат во сливови што се хранат од планински снег и мраз, многу од нив покрај реки што извираат од хималајските глечери.
Топењето на мразот значи и дека поплавите предизвикани од ненадејно ослободување вода од глацијалните езера стануваат сè почести, како онаа што уби 55 луѓе во Индија во 2023 година.
Претходни истражувања покажаа дека половина од сите глечери би се стопиле во овој век дури и ако човештвото го ограничи затоплувањето на 1,5°Ц — најамбициозната цел од Парискиот договор. Оваа студија ги надградува тие процени, покажувајќи дека при такво затоплување би исчезнале 55 отсто од глечерите.
Студијата, исто така, ја проектира стапката на губење на глечерите по години и по региони. Таа стапка ќе го достигне врвот околу средината на векот, а потоа ќе се забави откако ќе исчезнат помалите планински глечери и ќе останат поголемите, како оние на Арктикот и Антарктикот.
„Кај поголемите, едноставно е потребно многу време за да се стопи мразот, па тие ќе исчезнат подоцна“, вели Ван Трихт.
Според сегашните климатски цели, западна Канада и континенталниот дел на Соединетите Американски Држави ќе ги изгубат речиси сите глечери до 2100 година. Како удар за туризмот, Националниот парк Глечер во Монтана ќе остане речиси без глечери, иако некои би можеле да опстанат како минијатурни глечери или ледени површини, според едно истражување на Геолошката служба на Соединетите Американски Држави.
Алпите, исто така, ќе останат речиси целосно оголени. Заедниците веќе одржуваат „погреби“ за глечерите, а веб-страницата „Глобална листа на загубени глечери“ ги собира нивните приказни. Матијас Хус од ЕТХ Цирих, кој работел на студијата, и уште 250 луѓе се искачиле до остатоците од глечерот Пизол во 2019 година.
Тие дошле да се збогуваат, но и да ѝ порачаат на јавноста: „Ние сме приврзани за нашите глечери“, вели Хус. „Ако ги снема, нас тоа ќе нѐ погоди.“






