понеделник, 9 март 2026

„Сурова и понижувачка“: ултраагресивната воена реторика на тимот на Трамп

Пет дена по почетокот на војната на Блискиот Исток, Пит Хегсет се пофали со „огромното разурнување“ што американските и израелските сили им го нанесуваат на своите „радикални исламистички ирански противници“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Готови се и го знаат тоа“, изјави американскиот министер за одбрана, додавајќи: „А ние дури сега почнуваме со ловот.“

Подоцна рече: „Ги удираме додека се на колена, и токму така и треба да биде.“

Во војната на Доналд Трамп против Иран, реториката на Хегсет — која Америка ја прикажува како праведен и немилосрден предатор — е во центарот на исклучително агресивната комуникациска стратегија на Белата куќа, вели Фајненшл тајмс. Таа вклучува и серија видеоснимки од воени операции објавени на социјалните мрежи, со кои се настојува да се прикаже американската смртоносна моќ и воена надмоќ.

Правилата за ангажман на американските сили „се осмислени да ја истурат американската моќ, а не да ја ограничуваат“, се пофали Хегсет.

Подоцна иранскиот воен брод што американската морнарица го торпедираше и го потопи во Индиски Океан го опиша како брод што доживеал „тивка смрт“.

На официјалниот профил на Белата куќа на мрежата Икс во средата беше објавено видео со наслов „Подарок од Америка“ („Courtesy of the Red, White and Blue“), кое започнува со сцена од игра со „масовно наведувани бомби“. Потоа следуваат снимки од американски борбени авиони што полетуваат од носачи на авиони и проектили што се лансираат од пустината и ги погодуваат целите, при што реалните снимки практично се изедначуваат со видеоигра.

Други американски претседатели и високи функционери во претходните војни — од Виетнам до Ирак и Авганистан — настојувале да ги разубават своите успеси на бојното поле и да ги намалат или прикријат тешкотиите и загубите, но тоа обично го правеле со повоздржана пропаганда.

Во Трамповата Бела куќа, меѓутоа, таквите ограничувања ги нема, додека критичарите ја обвинуваат администрацијата дека користи бесчувствителна и сурова реторика што го банализира насилството во оружените конфликти.

Хегсетовиот „бомбастичен јазик делува одвоено од реалноста на военото одлучување“, вели Мара Карлин, поранешна функционерка на Пентагон задолжена за стратегија и политика.

За време на Трамп, највисоките воени офицери, меѓу нив генералот Ден Кејн, началник на Здружениот генералштаб, и адмиралот Бред Купер, командант на американските сили на Блискиот Исток, го задржаа потрадиционалниот тон, фокусирајќи се на деталите од операцијата „Епски гнев“.

Наспроти тоа, Хегсет во понеделникот ги нападна традиционалните сојузници на Вашингтон, кои „згрозено гледаат и се двоумат околу употребата на сила“.

„Гледате како Хегсет зад говорницата се возбудува што ја има најсилната војска во светот и што ја користи до крајни граници за да убие што е можно повеќе луѓе“, вели Роџер Штал, професор по комуникации на Универзитетот Џорџија, кој ја проучува врската меѓу пропагандата и војната. „Нема никаква почит кон хуманитарното право, Женевските конвенции ниту кон меѓународното право воопшто.“

Во западното крило на Белата куќа, портпаролката Каролин Левит користеше слична реторика на својот прв редовен брифинг со медиумите од почетокот на војната.

„Убиствените терористички водачи на Иран плаќаат за своите злосторства против Америка. И плаќаат со крв“, рече таа.

И Хегсет и Левит ги искористија своите позиции за да ги нападнат медиумите по смртта на шест американски војници стационирани во Кувајт.

Хегсет во средата рече: „Кога некој дрон ќе помине или ќе се случат трагични настани, тоа веднаш е на насловните страници. Разбирам. Печатот само сака да го прикаже претседателот во лошо светло, но обидете се барем еднаш да известувате за реалноста.“

Левит ги укори новинарите во Белата куќа, порачувајќи им дека „медиумите низ целата земја треба точно да известуваат за успехот на операцијата Епски гнев“. „Да може иранскиот режим, би ја убил секоја личност во оваа просторија“, додаде таа.

Нивниот наратив го следат и слики. Американската Централна команда, која ги надгледува воените операции на САД на Блискиот Исток, објави серија фотографии и видеоснимки од воени авиони и бродови во акција.

Една видеоснимка започнува со кадар од бомбардер Б-2 во темно, драматично осветлување. Други прикажуваат ирански воени цели во нишан пред ударот да ги претвори во огнена топка.

Штал вели дека војската „го фетишизира самото оружје — сите тие сцени инспирирани од филмот Топ ган, со борбени авиони што полетуваат од палубите на носачите на авиони“.

Портпаролот на Белата куќа Дејвис Ингл изјави дека Трамп е „најдобриот гласник, кој секогаш го има вистинскиот тон и дека извонредниот тим на претседателот го следи неговото водство“.

„Операцијата Епски гнев беше исклучително успешна операција, која целосно го разорува и деморализира терористичкиот ирански режим, и токму тоа во реално време му се пренесува на американскиот народ“, додаде тој.

Еден функционер на Белата куќа изјави дека администрацијата користи алатки како социјалните мрежи, кои не постоеле пред 25 години кога започнаа последните големи американски војни. Тој додаде дека тонот генерално е сличен на оној што иранскиот режим го користел со децении преку закани и убиства на Американци.

„Глупавите, политички коректни војни од минатото беа спротивност на она што го правиме тука“, изјави Хегсет во четвртокот за време на заеднички настап со адмиралот Купер на Флорида.

Еден поранешен висок функционер на американското Министерство за одбрана изјави дека фалењето на Хегсет е „негов стил и дека, до одредена мера, токму поради тоа и е донесен“.

„На претседателот му се допаѓа неговиот телевизиски стил — и тој е телевизиски човек“, додаде тој. „Проблемот е што тоа природно ќе го засени она што го зборуваат командантите, бидејќи тој е министер за одбрана.“

Сепак, критичарите тврдат дека грубата реторика и визуелната пропаганда што доаѓа од самиот врв на администрацијата, особено од Хегсет, е брутална за гледање кога доаѓа од американската влада.

„Начинот на кој Хегсет толку ноншалантно зборува за тоа е многу навредлив и понижувачки“, изјави Рејчел Ван Лендингам, поранешна потполковничка на Военото воздухопловство, денес професорка на Правниот факултет Саутвестерн.

Таа го опиша наративот на министерот за одбрана како „мачо“, како да вели: „Се удираме во гради и тука сме да разнесеме сѐ“.

„Мислам дека глорификацијата на насилството е недостојна за Соединетите Американски Држави и недостојна за еден министер во владата на САД“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ