сабота, 27 декември 2025

Судија ѝ нареди на Трамповата влада привремено да дозволи протек на средствата за странска помош

Федерален судија вчера ѝ нареди на администрацијата на Доналд Трамп привремено да го укине тринеделното замрзнување на финансирањето што ја згасна американската помош и развојна работа низ светот, наведувајќи ја огромната штета што ненадејното затворање им ја нанело на непрофитните и другите организации што помагаат во спроведувањето на американската помош во странство, пренесе АП.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Оваа судска одлука е втора против постапките на Трамповата влада за уништување на шестдецениската американска агенција за меѓународен развој, за која претседателот Доналд Трамп и сојузникот Илон Маск обвинуваат дека не е во согласност со агендата на Трамп.

Четврточната одлука на американскиот окружен суд во Вашингтон е првата пресуда против она за што хуманитарните групи и други велат дека е ненадејно и апсолутно секнување на средствата на УСАИД за програмите во странство.

Судијата Амир Али ја издаде привремената наредба во четвртокот за тужба поднесена од две организации, Коалицијата за застапување за вакцини против СИДА и Глобалниот здравствен совет, кои ги застапуваат здравствените организации што добиваат средства од САД за работа во странство.

Во пресудата Али истакнува дека Трамповата администрација тврди дека мора да го секне финансирањето на илјадниците програми за помош на УСАИД во странство за да се изврши темелна проверка на секоја програма и да се одлучи дали таа треба да се елиминира.

Сепак, претставниците на администрацијата „не понудија никакво објаснување зошто целосната суспензија на сета странска помош усвоена од Конгресот, што предизвика шоковен бран и ги прекина“ договорите со илјадници непрофитни групи, бизниси и други, „е разумен вовед во ревизијата на програмите“, рече судијата.

Адвокатите на администрацијата не покажаа дека имаат „разумна причина да ги запостават… безбројните мали и големи бизниси што мораа да ги згаснат програмите или целосно да ги затворат своите бизниси“, додаде судијата.

Пресудата, исто така, им забранува на државниот секретар Марко Рубио и на другите функционери на Трамп да ги спроведуваат наредбите за прекин на работата што администрацијата на Трамп и Маск ги испратија до компаниите и организациите за странска помош.

Наредбата за финансирање се однесува на договорите што беа во сила пред Трамп да ја издаде својата извршна наредба на 20 јануари со која прогласи замрзнување на странската помош.

Али го отфрли барањето на здравствените организации да ја оспори самата извршна наредба на Трамп, ограничувајќи ја својата пресуда на привремено спречување на Рубио и другите службеници од администрацијата да ја спроведуваат.

Претходно во четвртокот судија во друг случај за згаснувањето на програмите за помош на УСАИД и САД во странство од страна на Трамповата влада рече дека неговата наредба за стопирање на нејзините планови да ги повлече сите освен дел од вработените во УСАИД низ целиот свет ќе остане во сила најмалку уште една недела.

Окружниот судија на САД, Карл Николс, рече дека планира во наредните денови да донесе писмена одлука за тоа дали паузата ќе продолжи.

Вработените на УСАИД што до неодамна беа распоредени во Конго поднесоа изјави за тужбата во кои се опишува дека агенцијата за помош ги оставила на цедило кога минатиот месец експлодираа грабежи и политичко насилство во главниот град на Конго, оставајќи ги да се евакуираат со своите семејства, вели АП.

Замрзнувањето на парите и чистката на највисоките функционери на УСАИД значи дека вработените во агенцијата сега се заглавени во Вашингтон, без домови и пари, и се соочуваат со губење на работните места, велат вработените во изјавите.

Судијата минатата недела привремено ги спречи плановите со кои илјадници работници ќе беа на принуден одмор, а оние во странство ќе имаа само 30 дена за да се вратат во Соединетите Држави на државен трошок. Неговата наредба требаше да истече вчера.

Поддржувачите на агенцијата неделава им рекле на демократските сенатори дека целта на нејзиното затворање – заедно со другите административни чекори, вклучително и затворањето на седиштето на УСАИД во Вашингтон – реално била збришување на УСАИД пред пратениците или судовите да можат да го запрат.

Групите на вработени, демократските пратеници и други тврдат дека без одобрение од Конгресот, Трамп нема моќ да ја затвори УСАИД или да им стави крај на нејзините програми. Неговиот тим вели дека моќта на судовите или пратениците да ги спречат во тоа е во најдобар случај ограничена.

„Овластувањата на претседателот во областа на надворешните работи се генерално огромни и не може да се преиспитуваат“, велат владините адвокати во судските документи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ