„Судот го отфрла барањето на Марин Лепен бидејќи не е утврдено постоење на непосреден ризик од непоправлива штета по право заштитено со (Европската) конвенција за човекови права или нејзините протоколи“, изјави судот со седиште во Стразбур.
Судот не одлучуваше за суштината на случајот, туку го отфрли барањето поднесено од Лепен врз основа на член 39 од правилникот на судот, кој вели дека судот итно одлучува во случај на непосреден ризик од непоправлива штета на право заштитено со Конвенцијата.
Марин Лепен оцени дека постои итна потреба од суспендирање на нејзината казна, доколку францускиот претседател Емануел Макрон одлучи повторно да го распушти парламентот.
Таа изрази жалење поради одлуката на Европскиот суд за човекови права и додаде дека нејзините права не се загрозени сега, но би биле во случај на распуштање на парламентот.
Претседателката на парламентарната група на десничарската партија Национален собир во парламентот беше прогласена за виновна на 31 март за воспоставување „систем“ на проневера на јавни средства за исплата на вработени во партијата со парите на Европскиот парламент помеѓу 2004 и 2016 година, во износ од 4,4 милиони евра.
Потоа беше прогласена за виновна и неспособна за вршење јавна функција, што ја доведува во прашање нејзината кандидатура за евентуални избори.






