недела, 7 декември 2025

Студентите во Србија не сопираат, објавија планови за изборите

По големиот комеморативен собир одржан на 1 ноември во Нови Сад студентите демонстранти од сите универзитети во Србија подготвуваат нови протести во борбата за распишување вонредни парламентарни избори. Сепак, како што открија во разговорот, плановите за овој месец се променети поради поддршката што ѝ ја даваат на Дијана Хрка, мајката на момче загинато во трагедијата во Нови Сад, а годишнината од блокадите, 29 ноември, се спомнува како можен датум за следниот голем собир.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Имаме секако план за нови протести, интензивно работиме на тоа, но некои ненадејни настани малку нè вознемирија. Сега сите сме фокусирани на Дијана Хрка и поддршката што сакаме да ѝ ја пружиме. Имавме план за ноември, за протестите, кои ги одложивме“, рекоа студентите на Универзитетот во Нови Сад.

Заедно со борбата за вонредни парламентарни избори, студентите подготвуваат и политичка програма. „Студентската листа е завршена, а сега сме фокусирани на политичката програма која ја подготвуваме заедно“, додадоа тие.

Студентите на универзитетите во Белград и Нови Сад истакнуваат дека ќе објават заедничко соопштение, односно најава за нови акции, дури откако сите пленуми ќе се договорат за идните планови.

„Само кога сите ќе се согласат, ќе знаеме кога ќе има нови акции. Нема одмор и не правиме паузи, но понекогаш се случуваат непланирани активности, како оваа сега со Хрка, која е наш приоритет. Се заседава секој ден, а наскоро ќе имаме заеднички план“, велат студентите од Белградскиот Универзитет. Тие нагласуваат дека се разгледува датум за следниот голем собир, но сè уште ништо не е потврдено.

„Ќе има протест, бидете трпеливи. Нема да застанеме додека не се исполнат нашите барања и додека не победиме на изборите. Додека сите собранија не се согласат и не се договорат, не можеме ништо да тврдиме. Сепак, постои идеја дека следниот голем протест ќе биде на годишнината од блокадите, што е на 29 ноември. Сепак, сè уште не знаеме ништо со сигурност“, велат студентите.

Последниот голем собир организиран од студенти од целата земја се одржа на 1 ноември, на годишнината од падот на стреата на железничката станица во Нови Сад. За да присуствуваат на тој собир студентите на Државниот универзитет во Нови Пазар пешачеа 16 дена, а им се придружија и студенти од други градови.

Само еден ден по собирот Дијана Хрка, мајката на жртвата Стефан Хрка, објави дека почнува штрајк со глад пред српскиот парламент. Три дена подоцна студенти, средношколци и бројни граѓани се собраа пред Собранието за да ја поддржат, во исто време кога Српската напредна партија го организираше својот митинг.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ