понеделник, 7 април 2025

Студенти од Србија со велосипеди тргнаа кон Стразбур, сакаат на ЕУ да ѝ укажат на ситуацијата во земјата (ВИДЕО)

Студенти и членови на академската заедница на Србија тргнаа вчера со велосипеди од Нови Сад во акцијата „Тур де Стразбур“ со намера на функционерите на Европската Унија дополнително да им укажат на ситуацијата во Србија, која е во криза со бранот протести по трагедијата со уривањето на стреата на новосадската железничка станица во ноември минатата година.

Фото: Икс

Објавено на

часот

Сподели

Со нив тргнаа и репортери од одделни српски медиуми, а студентите на социјалните мрежи ќе известуваат за патувањето. Загинувањето на 16 главно млади луѓе при уривањето на стреата на 1 ноември на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад предизвика бран протести на кои власта се обвинува за корупција и нестручно градење.

Студентите почнаа блокада на повеќе од 60 факултети откако поддржувачи на владејачката Српска напредна партија ги нападнаа за време на комеморативна блокада додека со молк им оддаваа почит на загинатите.

Блокадите во меѓувреме прераснаа во студентско движење, проследено со бројни секојдневни акции, маршеви од по неколку стотици километри на масовните протести низ Србија и акции кои добија неочекувано голема поддршка од пошироката заедница.

Во новата акција „Тур де Стразбур“ 80 студенти ќе возат велосипеди до Стразбур за да им се обратат на функционери на Советот на Европа, Европската Унија, Европскиот парламент и Европската комисија.

Студентите првата делница ја возат до Суботица, па потоа преку Будимпешта, Братислава, Виена и Улм планираат да стигнат до Стразбур за две недели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ