Според извештаите, околу 1.500 луѓе се уапсени во планинскиот регион на испрашување за можна поврзаност со сторителите. Се вели дека некои од нив се лица што претходно биле поврзани со милитанти.
Индискиот министер за одбрана Рајнат Синг им порача на граѓаните дека „обвинетите наскоро ќе се соочат со гласен и јасен одговор“.
Милитантите отворија оган врз туристите на индиската територија Џаму и Кашмир во вторникот, при што загинаа најмалку 26 лица, а повредени се најмалку 17. Нападот се случил во Пахалгам, на околу 90 километри од Сринагар.
Владата нападот врз туристите го нарече терористички акт. Потрагата по напаѓачите е интензивирана, соопштија индиските вооружени сили.
Армијата и полицијата соопштија дека вршат заедничка потрага на територијата на Џаму и Кашмир. Медиумите објавија дека безбедносните мерки се зајакнати низ Кашмирската долина и дека се поставени дополнителни контролни пунктови во регионот.
Полицијата во Кашмир објави три фотороботи на осомничените напаѓачи за да помогнат во потерата. Одговорноста за нападот ја презеде Фронт на отпорот (ТРФ), или Кашмирски отпор, разгранок на забранетата Лашкар-е-Таиба (ЛеТ). ЛеТ се смета за одговорна за серијата напади на Мумбаи во ноември 2008 година.
Се верува дека групата е со седиште во Пакистан, но и таму е забранета. Пакистанскиот министер за одбрана Хаваџа Асиф по нападот на пакистанската телевизија изјави дека владата на неговата земја нема никаква врска со нападот.