Како што објавија организаторите на протестот, но и од Здружението на авто-мото клубовите во Босна и Херцеговина со седиште во Мостар, бил блокиран само товарниот сообраќај, а не и патничкиот.
Мирко Ивановиќ, координатор на Логистичкиот конзорциум на БиХ, кој ги обединува транспортерите од регионот, кажа дека протестите во Градишка ќе продолжат до понатамошно известување. „Во врска со исполнувањето на нашите барања, така беше планирано и договорено“, кажа Ивановиќ.
Протест беше организиран и на граничниот премин Бијача. Тамошниот координатор Марио Одак кажа дека возачите нема да се откажат од блокадата. Камионите се наоѓаат на околу стотина метри од граничните премини. Овозможен е непречен премин за патничкиот сообраќај, итните случаи, воениот и медицинскиот транспорт и транспортот на добиток.
Демонстрантите истакнуваат дека причината за протестот е ново правило на Европската Унија според кое професионалните возачи можат да останат на територијата на ЕУ само 90 дена во шест месеци. Протестите се дел од заедничка, регионална акција во која треба да бидат вклучени возачи на камиони од Србија, Црна Гора и Македонија.
Надворешно-трговската комора на Босна и Херцеговина предупреди дека блокадата може сериозно да влијае на домашната економија и извозот. Претседателот на ВТК БиХ, Ахмет Егрлиќ, кажа дека, иако Комората ги поддржува барањата на транспортерите, радикалните мерки кои го загрозуваат протокот на стоки не се прифатливи. Според него, 73 проценти од вкупниот извоз на БиХ оди на пазарот на ЕУ, што дополнително ја нагласува сериозноста на ситуацијата.






