недела, 7 декември 2025

Столтенберг: Зошто НАТО не го затвори воздушниот простор над Украина како над Босна

Поранешниот генерален секретар на НАТО Јенс Столтенберг објасни дека Алијансата во 2022 година не го затворила воздушниот простор над Украина, и покрај молбите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, бидејќи не сакала да ризикува избувнување на трета светска војна.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според Сандеј тајмс, Столтенберг, во своите мемоари „На моја стража: Како го водев НАТО за време на војната“, го опишува „болен момент“ во февруари 2022 година кога морал да го одбие Зеленски, кој од бункер во Киев молел за зона на забранети летови.

Зеленски потсетил дека НАТО претходно го затворал небото над Босна и Ирак, но Столтенберг одговорил дека тоа би значело напад врз руските системи за воздушна одбрана во Белорусија и Русија, што би довело до директна војна со Москва.

„Како што кажа (Џо) Бајден, тогашниот претседател на Соединетите Американски Држави, нема да ризикуваме трета светска војна поради Украина“, истакна Столтенберг.

Тој додава дека било „исклучително болно да се заврши тој разговор“ знаејќи дека животот на Зеленски е во опасност.

Според него, сојузниците на 24 февруари донеле две одлуки – да ја зголемат поддршката за Украина и да спречат ширење на конфликтот надвор од нејзините граници. Столтенберг ја спореди ситуацијата со почетокот на Втората светска војна, кога САД не сакале веднаш да се вклучат, туку само ѝ испорачувале оружје на Велика Британија.

„Нашата цел беше да избегнеме нов Перл Харбур“, порача тој, додавајќи дека НАТО нема да испраќа војници ниту директно да влегува во конфликт со Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин во повеќе наврати изјави дека Москва „нема причина“ да војува со земјите од НАТО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ