Стармер ја потврди поддршката на Велика Британија за Украина, ветувајќи дека ќе стои покрај Киев, пренесува Скај њуз.
“Мислам дека оваа недела навистина можеме да направиме напредок во врска со руската нафта и гас, можеме навистина да го зголемиме притисокот врз руската нафта и гас”, изјави Стармер, пред да ги спомене новите санкции кои оваа недела ги воведоа Соединетите Американски Држави.
Британскиот премиер додаде дека верува дека може да се направи многу повеќе за да се помогне на Украина да развие способност за користење оружје со долг дострел. Зеленски сакаше да обезбеди ракети „томахавк“ од САД, но не успеа да ги добие на состанокот во Белата куќа минатата недела, според Скај њуз.
Стармер изрази задоволство од фреквенцијата на нивните состаноци и нагласи дека Велика Британија стои до Украина како што отсекогаш била нејзин најблизок сојузник. Тој додаде дека “Коалицијата на спремни“, која тој ја предводи, денес ќе разгледа „навистина важни прашања“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на британскиот крал Чарлс, кој го прими претходно, како и на Стармер и Велика Британија за нивната поддршка за Украина. Тој рече дека се согласува со ставот на Стармер дека рускиот претседател Владимир Путин не покажува намера да ја запре војната.
Зеленски, исто така, спомена серија напади од страна на Москва што ја парализираа енергетската инфраструктура на Украина. Тој рече дека Путин сака хуманитарна катастрофа во Украина оваа зима.
“Не сме сами во оваа ситуација, од самиот почеток на војната, а особено сега. Ви благодариме што се организиравте со сите партнери, благодарам што сте со нас”, истакна претседателот на Украина, на што Стармер одговори: “Секогаш”.
Зеленски е во Велика Британија, каде што се сретна со кралот Чарлс во замокот Виндзор и со британскиот премиер Кир Стармен на Даунинг стрит. Ова е трет пат оваа година Зеленски да се сретне со британскиот монарх, а средбата беше обележана со кралски поздрав и свирење на украинската химна по неговото пристигнување во дворот на замокот.
Зеленски ќе присуствува на средбата на “Коалицијата на спремни“ во попладневните часови, на која ќе присуствуваат и нови членови, вклучувајќи дополнителни 20 земји кои ќе се приклучат на заедничкиот повик за поголема меѓународна соработка и поддршка за Украина.






