понеделник, 8 декември 2025

Српски професорки ја анализираа вистинската причина за уривањето на стреата во Нови Сад (ВИДЕО)

Експертки од Градежниот факултет во Белград, доцентката Сања Фриц и редовната професорка Јелена Добриќ ја анализирале достапната документација за смртоносното уривање на стреата на Железничката станица во Нови Сад и откриле крајно загрижувачки информации како гостинки во подкастот „Сфера“. Во уривањето на стреата загинаа 16 лица пред една година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Имено, работата на хидроизолацијата на покривот извршена во декември 2022 година, за време на кој во Нови Сад врнело 18 дена. Тоа е приближно истиот месец кога работите одеднаш биле забрзани, а рокот за нивно завршување бил скратен за осум месеци.

Дека декември не е идеално време за хидроизолација на покрив кој протекува со години им е веројатно јасно и на лаиците, но се чини дека тоа не ги загрижило изведувачите. Увидот во еден од градежните дневници, кој е дел од нецелосната документација, потврдил дека работите се одвивале во месец со 18 дождливи денови, според Фриц и Добриќ.

Професорките Фриц и Добриќ истакнуваат дека е клучно за истрагата точно да се утврди кога се случила корозијата во внатрешноста на затегнувачите кои ја поврзувале стреата со кровната конструкција. Тие објаснија дека, спротивно на популарното верување, корозијата не мора да се развива со децении, туку под одредени услови може да се развие за само неколку години.

Доказите упатуваат и дека водата се задржувала во одводите на покривот, токму таму каде што биле прицврстени затегите, иако оригиналниот дизајн предвидувал наклон за тоа да се спречи.

„Брзината на развојот на корозијата во голема мера зависи од степенот на агресивноста на средината во која се наоѓа челичната компонента и апсолутно не е точно дека тоа е период од неколку децении, туку може да биде значително пократок. Затоа е важно да се одговори на прашањето кога се случила корозијата. Дали се случувала пред или за време на периодот на реконструкција на зградата“, вели професор доктор Јелена Добриќ.

Таа додава дека од достапната документација е јасно дека дождовницата се задржувала на покривот, а по отстранувањето на слоевите на покривот, забележано е и присуство на вода над армирано-бетонската плоча.

„Ова е важно бидејќи, според документацијата што ја анализиравме, било утврдено дека периодот на реновирање на покривната покривка, односно отстранувањето на старите слоеви и поставувањето на нови, иако е на рамниот дел од покривот, за пилестиот дел од покривот, сметаме дека старите слоеви дури и не се отстранети, е извршен во периодот од септември 2022 до март 2023 година. Тој период беше проследен со врнежи од дожд, што значи дека постојат индикации дека регуларноста на реновирањето на покривната покривка е доведена во прашање“, објасни Добриќ.

Нејзината колешка Сања Фриц открива клучен детаљ. „Работите на хидроизолација на покривот се извршени во декември 2022 година. Самиот факт дека вакви работи биле извршени во декември беше знак прашалник за нас. Тоа е декември во кој рокот за завршување на работите беше значително скратен за осум месеци.

Ги комбиниравме податоците од градежниот дневник за временските услови со податоците од Хидрометеоролошкиот завод и дојдовме до заклучок дека од сите работни денови во тој декември, дури 18 биле дождливи. Понекогаш со поголем, понекогаш со помал интензитет. Дали е можно да се хидроизолира покривот за време на врнежи од дожд?“, прашува Фриц.

Професорката Фриц истакна дека им е достапен само еден градежен дневник, иако во записниците од состаноците било наведено дека секој подизведувач водел свој. „Имаме изјава потпишана од сите учесници на состанокот, но ги немаме градежните дневници на подизведувачите. Ги имаме градежните дневници само на еден подизведувач“, кажа Фриц.

Иницијативата на владата од декември 2022 година за скратување на рокот за извршување на работите за седум до осум месеци, без никаква позната причина, е особено парадоксална, особено затоа што првично било одобрено продолжување на рокот.

„Дури и немаме ни план на динамиката за извршување на работите. Првичниот динамички план е доставен, но не и корeгираниот, по одобреното скратување на работите, кој е неопходен според договорот. Тој не е јавно достапен“, истакна Фриц. Покрај тоа, од огромниот број објавени документи, само мал процент се однесуваат на самата зграда на станицата.

Како еден од изворите на проблемот Фриц го наведува фактот дека е издадена само една дозвола за целиот комплексен проект, иако тој се состоел од различни елементи – од реконструкцијата на железничката пруга до изградбата и реновирањето на згради, вијадукти и мостови.

„Издадена е само една дозвола за сè, наместо да има повеќе, според намената. Ова, верувам, создало општа конфузија кај сите, инвеститорот, проектантот… Имаме случај каде што сосема различни објекти се третираат исто, наместо секој објект да има независна техничка контрола“, наведе Сања Фриц.

Според Јелена Добриќ, таков пристап создал простор за „акумулација на грешки“. „Веројатноста да се случи превид е зголемена. Имаме проектна документација која е јасна и достапна, а документацијата на изведувачот не е јасна, што е важно за да се утврди причината за уривањето. Засега, причина за уривањето е корозијата, додека другите фактори кои довеле до уривањето на стреата не се доволно детално објаснети во тој наод“, смета Добриќ.

На крајот Фриц посочува уште еден парадокс – Обвинителството излегло со предлог обвинение на 30 декември, иако документацијата била дополнувана сè до 6 март 2025 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ