вторник, 23 декември 2025

Српската власт за пропаѓањето на проектот на Кушнер ги обвини демонстрантите

Компанијата Афинити глобал девелопмент, во сопственост на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, се откажа од плановите за луксузниот комплекс во Белград, што предизвика остри реакции во Србија. Лидерот на владејачката партија изјави дека земјата на тој начин ќе остане без многу потребните странски инвестиции и дека други балкански земји ќе профитираат од тоа, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американската компанија на Кушнер планираше да изгради комплекс со хотел, станови, продавници и канцеларии на местото на бомбардираното седиште на Генералштабот на Југословенската армија. Проектот требаше да се реализира врз основа на 99-годишен договор за закуп, кој компанијата го потпиша со српската влада минатата година, но од самиот почеток наиде на силен отпор од јавноста.

Плановите, кои отворено ги поддржа српскиот претседател Александар Вучиќ, набрзо се заплеткаа во корупциски скандал и предизвикаа граѓански протести. Демонстрантите бараа запуштената локација во центарот на Белград да се зачува како споменик на жртвите од бомбардирањето на НАТО во 1999 година, кога зградата беше оштетена.

Одлуката на српското обвинителство од минатата недела да покрене обвинение против тројца функционери, вклучувајќи и еден министер, фрли дополнителна сенка врз проектот. Тие се обвинети за нелегално одземање на статусот на заштитен споменик на зградите, потег што беше клучен за напредокот на проектот.

Милош Вучевиќ, лидерот на владејачката партија СНС, вчера ги обвини демонстрантите за неуспехот на инвестицијата. „Тие (демонстрантите) ги избркаа инвеститорите. Ова е најнегативната порака за инвеститорите“, кажа Вучевиќ.

„Ги испратија Американците на албанскиот брег“, додаде тој, алудирајќи на друг проект кој компанијата на Кушнер го развива во Албанија. Афинити глобал девелопмент не одговорила веднаш на барањата за коментар. Нема индикации за какво било незаконско постапување од страна на Џаред Кушнер или неговата компанија во целиот случај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ