недела, 11 мај 2025

Средновековниот часовник во Прага сопре на 13 минути: нема ситуации во кои вреди поради брзање да се ризикуваат животи

Средновековниот часовник Орлој во Прага сопре симболично денес на 13 минути поради 148 жртви на пребрзото, ризично возење во текот на минатата година во Чешка.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Денес, кога Чешка го одбележа Народниот ден без брзање, со 13 минути задоцнување почна и седницата на владата како и фудбалскиот натпревар на Спарта и Плзењ и многу други манифестации.

Тие 13 минути задоцнување се симболична порака дека само толку време просечно „заштедува“ возач на автопатот од Прага до Брно, ако вози 20 километри на час побрзо од дозволеното.

Целта на кампањата е да предупреди дека речиси нема такви ситуации во кои вреди поради надминување на брзината да се ризикуваат животи, а пребрзото возење во Чешка е виновник за 15 отсто од сите сообраќајни несреќи, а дури 36 отсто од сообраќајките во кои има загинати.

Оваа година Народниот ден без брзање се одбележа во екот на аферата на европратеникот, почесниот претседател на маргиналната радикална десничарска партија „Мотористите себеси“ Филип Турек, кој на социјалните мрежи неодамна се пофали со фотографија на која се гледа како го држи воланот со една рака додека вози 238 километри на час, наводно во Германија каде тоа е дозволено.

Активисти од проектот Манипулатори, меѓутоа, многу брзо утврдиле дека Турек не се фотографирал во Германија туку во Чешка, во околината на Плзењ, а новинарите потсетија дека на мрежите, додека бил популарен само како возач во автомобилски трки, се фалел дека крај Острава на истокот на Чешка возел со брзина од 325 километри на час.

Дури откако чешки спасувачи објавиле фотографија од сообраќајна несреќа на момче кое возејќи пребрзо се забило во дрво и загинало, со порака до симпатизерите на Турек никако да не го следат својот идол бидејќи ќе завршат така, Турек апелираше до Чесите да престанат како него да ги постираат брзинските рекорди и да ги објавуваат на социјалните мрежи.

Чешката полиција води истрага, а Турек може да остане без возачката дозвола бидејќи еден адвокат од Брно почнал да собира докази за да поднесе кривична пријава против европратеникот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ