вторник, 9 декември 2025

Средба на Лавров и Ким Џонг Ун, „Вашите војници нè ослободуваат од украинските нацисти“

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се сретна со својот севернокорејски колега во крајбрежниот град Вонсан, а на состанокот беше потврдена поддршката на Пјонгјанг за руските воени акции во Украина, пренесува ТАСС.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Лавров престојува во официјална посета на Северна Кореја, каде што разговараше со севернокорејскиот министер за надворешни работи Чое Сон Хуи во рамки на втората рунда стратешки дијалог меѓу двете земји. Како што е објавено, Лавров за време на посетата се сретна и со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Во петокот, рускиот министер одлета од Куала Лумпур, каде што учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на АСЕАН, до Вонсан, каде што беше отворен неодамна изграден туристички комплекс, но во градот се наоѓаат и поморски и ракетни објекти.

Посетата на Лавров е најновата во низата состаноци на високо ниво меѓу двете земји, кои ја унапредуваат својата стратешка соработка, која сега вклучува и договор за меѓусебна одбрана.

„Разменивме мислења за ситуацијата поврзана со украинската криза (…) нашите корејски пријатели ја потврдија својата цврста поддршка за сите цели на нашата специјална воена операција и активностите на руското раководство и вооружените сили“, ги пренесе ТАСС зборовите на Лавров.

Разузнавачката служба на Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја се чини дека се подготвува да испрати дополнителни војници во јули или август, откако веќе испрати повеќе од 10.000 свои војници да се борат за Русија во војната против Украина.

Северна Кореја се согласи да испрати 6.000 воени инженери и градежни работници за обнова на рускиот Курски регион, кој беше нападнат од украински војници пред речиси една година и окупираа дел од територијата. Лавров потсети дека војниците на Корејската народна армија, заедно со руските борци, „по цена на крв, па дури и на живот, придонесоа за ослободување на таа област од украинските нацисти“.

Тој оцени дека соработката со Пјонгјанг е во согласност со интересите на двете земји и ги потврди плановите за обновување на поморскиот сообраќај меѓу Русија и Северна Кореја, покрај веќе обновените воздушни линии меѓу Москва, Хабаровск и Пјонгјанг. Исто така, беше најавен и проект за изградба на мост на реката Тумен, која е дел од границата меѓу Северна Кореја, Кина и Русија.

По посетата на Северна Кореја, Лавров се упатува кон Кина на состанок на Шангајската организација за соработка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ