понеделник, 15 декември 2025

Средба Макрон-Мерц, различни ставови за одговорот на Трамповите царини

Соочени со претстојниот рок за воведување царини на европскиот извоз во САД, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц се состануваат во Берлин на работна вечера за да разговараат за енергетиката и одбранбените прашања.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако Франција и Германија бараат од Европската комисија да води трговски преговори со владата на Доналд Трамп во име на 27 земји-членки, францускиот претседател и германскиот канцелар имаат намера да влијаат врз стратегијата на ЕУ, истакнува агенцијата АФП.

Средбата на лидерите на двете најголеми европски економии, според Елисејската палата, го илустрира „оживувањето на француско-германските односи“ поврзано со доаѓањето на конзервативниот Фридрих Мерц како канцелар.

Ова е прво патување на францускиот шеф на државата во Берлин по инаугурацијата на Мерц, кој отпатува во Париз на почетокот на мај, денот по преземањето на функцијата.

Средбата во среда во Берлин има за цел да ги заврши и подготовките за француско-германскиот министерски совет закажан за крајот на август во Франција. Сепак, овој интензивен билатерален дијалог не ги избриша сите несогласувања.

Соочен со непопустливоста на Вашингтон, која ѝ се заканува на ЕУ со дополнителни 30 проценти царини од 1 август, Париз се залага за „цврст став“ од Брисел. Овој став го потврди и францускиот министер за индустрија Марк Ферачи, кој се сретна со својот германски колега во Берлин во понеделник.

Германија, од друга страна, се залага за „прагматичен“ пристап, нудејќи отстапки за да ги зачувува клучните сектори од својата извозна индустрија каде што САД се нејзин најголем клиент.

Сепак, и француската и германската влада велат дека ги поддржуваат одмаздничките мерки подготвени од Комисијата во случај на неуспех во постигнувањето договор со Вашингтон.

Париз и Берлин, исто така, не ги решија сите свои разлики околу енергетската политика, што е долгогодишен проблем, иако е на повидок зближување. Франција се залага за концептот на „технолошка неутралност“ за нуклеарната енергија во европското законодавство да се третира на сличен начин како и обновливите извори на енергија.

Класификацијата на нуклеарната енергија како „зелена“ енергија на ниво на ЕУ беше главна точка на несогласување меѓу Французите и Германците во минатото. По ова прашање, конзервативната партија на Фридрих Мерц, традиционално пронуклеарна, мора да се соочи со резервите на својот социјалдемократски сојузник во владејачката коалиција.

И додека Париз и Берлин сакаат да бидат движечката сила зад повторното вооружување на Европа за да му се спротивстават на американското повлекување и руската закана, заедничкиот развој на проектот „Фјучр комбат еркрафт“ (ФКА), водечки проект за одбраната на континентот, е во застој. Министрите за одбрана на двете земји треба да се сретнат во Германија во четврток за да разговараат за ова прашање.

Германскиот канцелар продолжува да се стреми да го зајакне влијанието на Германија на меѓународната сцена и смета на зајакнување на односите со Париз и Лондон, кои ги посети во јули за да ги унапреди заедничките иницијативи за безбедноста и имиграцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ