Како што е наведено во документот „Национална програма за јавна железничка инфраструктура за периодот од 2025 до 2029 година“, кој го објави Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, фокусот ќе биде ставен на модернизацијата на железницата на Коридорот 10, која на долг рок ќе се развива со два колосеци, со проектирани брзини до 160, односно до 200 километри на час, каде што е тоа инвестициски оправдано.
Железничките пруги управувани од Инфраструктура на железници на Србија (ИЖС) се стари повеќе од еден век, а над 55 проценти од сите железници се изградени во 19 век. Просечната старост на пругите е околу 55 години, електротехничките инсталации помеѓу 30 и 40 години, а значително се зголемува и должината на пругите на кои е намалена максималната дозволена брзина на возовите.
Со националната програма се дефинираат развојните компоненти на изградбата и реконструкцијата на железниците, во согласност со важечките закони и техничките спецификации за интероперабилност на Европската Унија.
Предвидено е подобрување на главните, регионалните и локалните железници, со примена на современи технички стандарди, вклучувајќи повисоки дозволени брзини, поголеми оптоварувања на оските и подолги композиции на возовите.
Посебен акцент е ставен на подобрување на безбедноста на патните премини, преку нивелирање, поставување автоматски полубраници и рационализација на бројот на премини, наведува српското министерство.
Примарна задача е да се решат патните премини на главните железнички линии, за кои се проценува дека се потребни околу 430 милиони евра.
„Точниот износ би се утврдил по изработката на урбанистичката и техничката документација. Потребно е единиците на локалната самоуправа и управителите на патната инфраструктура, во соработка со ИЖС, заеднички да го решат прашањето за патните премини. Во следната фаза треба да се решат патните премини на регионалните железници“, се наведува во документот.






