недела, 14 декември 2025

Србија: Судир меѓу демонстрантите и полицијата пред Филозофскиот факултет во Нови Сад (ВИДЕО)

Демонстрантите и полицијата се судрија вчера пред Филозофскиот факултет во Нови Сад во Србија.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Најпрвин насобраните се обиделе да го пробијат кордонот на жандармеријата што беше поставен пред влезот на зградата.

Потоа полицијата ги турна граѓаните подалеку од платото на факултетот и формираше нов кордон.

Биле користени солзавец и пиротехнички средства. Во неколку наврати се слушнале и топовски истрели.

Вчера, втор ден по ред, се одржа протест пред Филозофскиот факултет, откако деканот Миливоје Алановиќ ги избркал студентите кои ја блокираа зградата. Потоа ја повикал полицијата, која оттогаш не им дозволува на студентите, ниту на дел од вработени, да влезат.

Конфликтот се случил кратко по 22 часот, што бил рокот што му го дале на Алановиќ студентите на Филозофскиот факултет да ја повлече полицијата од зградата и да им дозволи да влезат.

Министерството за внатрешни работи на Србија (МВР) соопшти дека „учесниците на митингот пред Филозофскиот факултет се обиделе насилно да влезат во просториите на факултетот“.

„Во 22 часот и 20 минути, игнорирајќи неколку претходно издадени предупредувања од страна на полицијата, околу 300 граѓани се обидоа насилно да влезат во главниот влез на Филозофскиот факултет и во таа прилика го нападнале кордонот на Единицата за полициска интервенција“, наведува Министерството за внатрешни работи.

Припадниците на интервентната единица, се додава, „го одбиле нападот со употреба на средства за принуда и потиснување и ја оддалечиле толпата од влезот“.

Протестите пред Филозофскиот факултет се случуваат откако студентите на 26 август објавија дека деканот Миливоје Алановиќ „влегол на факултетот со неколку професори и ги сменил бравите“ тоа утро и им се заканил на студентите во блокадата со дисциплински мерки.

Студентите на Филозофскиот факултет протестираа во среда барајќи полицијата да ја напушти зградата и на вработените и студентите да им се овозможи непречен пристап. Меѓу барањата на протестот е да не се поведе дисциплинска постапка против студентите во блокадата.

По несреќата во Нови Сад, кога се урна настрешницата на реконструираната Железничка станица и загинаа 16 лица, студентите ги блокираат факултетите низ цела Србија.

Оттогаш, тие бараат кривична и политичка одговорност за несреќата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ