четврток, 29 јануари 2026

Србија повторно воведува задолжителен воен рок

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска најави дека задолжителниот воен рок, во траење од 75 дена, повторно ќе биде воведен во декември оваа или во март наредната година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Конечната одлука за точниот датум ќе биде донесена наскоро и ќе зависи од брзината на подготовките на потребната инфраструктура, пишува порталот Нова.рс.

Вучиќ им појасни на новинарите дека сѐ уште се разгледува дали со воениот рок официјално ќе се започне во декември или во март 2027 година. „Одлуката ќе ја донесеме во наредниот месец-два и ќе ја упатиме во Собранието на Србија, а во септември или октомври ќе почне евидентирањето на воените обврзници“, истакна тој. На прашањето зошто точниот датум сѐ уште не е утврден, одговори дека сѐ зависи од текот на подготовките.

„Мораме да ги подготвиме сите објекти. Имаме доволно пушки и чизми, но има и некои работи што сѐ уште не се целосно подготвени“, рече Вучиќ. Тој додаде дека мора да се обноват регрутните центри, како и да се модернизираат и уредат амбулантите и другата инфраструктура.

„Ова се важни прашања, бидејќи сакаме сѐ да биде подготвено за да можат младите луѓе да го поминат воениот рок во најдобри услови. Да ја стекнат потребната одговорност и сериозност, како и однос кон патриотизмот“, порача Вучиќ.

Обврската за служење воен рок во Србија беше укината кон крајот на 2010 година, а одлуката стапи во сила на 1 јануари 2011 година, кога државата се определи за доброволно служење и професионална војска. Вучиќ ја потпиша согласноста за повторно воведување задолжителен воен рок од 75 дена на 14 септември 2024 година.

Денешната најава уследи по анализата на состојбата, како и на оперативните и функционалните способности на Војската на Србија за 2025 година, одржана во Домот на гардата на Топчидер. Вучиќ изјави дека е многу задоволен од резултатите на Војската на Србија и нагласи дека државата за системот на одбрана и безбедност издвојува 2,65 проценти од бруто-домашниот производ.

Во анализата е изразена и загриженост поради формирањето воени сојузи во опкружувањето, за кои Вучиќ рече дека се насочени против Србија, но не прецизираше за кого станува збор.

Тој истакна дека Србија „се однесува одговорно и сериозно“, не провоцирајќи никого, но со желба да го одврати секого што би извршил агресија. Наведе и дека одбранбените капацитети на военото воздухопловство и противвоздушната одбрана се „драстично и драматично“ зголемени, а најави исто и за сите други гранки и родови на војската во наредните години.

Според неговите зборови, државата сега има рекордни издвојувања за одбрана, „дури и нешто повеќе“ од 2,65 проценти од БДП, но, како што рече, „не на најдиректен начин“. Од тие средства, 54,1 проценти се наменети за инвестиции, 12 проценти за оперативни трошоци, а остатокот за трошоци за персоналот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ