петок, 26 декември 2025

Србија и Трамповата администрација: од билборди „Трампе, Србине“ до разочарување

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, сега признава дека, наместо очекуваните големи поместувања од администрацијата на Трамп, дошле одлуки што не се во интерес на Србија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од билборди со порака „Трампе, Србине“ до разочарување.

Санкциите кон Нафтената индустрија на Србија (НИС), царините за производи од Србија – највисоки во регионот, како и забраната за увоз на автомобилски гуми од кинеската фабрика „Линглонг“ во Србија, се дел од мерките што американската администрација ги донесе во неполна една година од мандатот на претседателот Доналд Трамп.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, сега признава дека, наместо очекуваните големи поместувања од администрацијата на Трамп, пристигнале одлуки што не се во интерес на Србија.

Таквата оценка доаѓа една година по американските избори, кога во Белград победата на Трамп беше „славена“ со очекување на поповолен став кон Србија.

„Претпоставувам дека (Вучиќ) сакал Трамп да го прифати и да го гледа како клучна фигура на мирот во регионот. Веројатно е разочаран што тоа не се случи“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Даниел Сервер, професор на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД.

Стејт департментот не одговорил директно на прашањето на РСЕ за коментар на оценките на претседателот на Србија, туку се повикал на соопштение на американската амбасада во Белград.

Во тоа соопштение беше пренесена изјава на вршителот на должноста амбасадор, Александар Титоло, дадена при отворањето делница од Моравскиот коридор во близина на Врњачка Бања, во централна Србија, на 24 декември.

Титоло тогаш изјави дека, под водството на Вучиќ и Трамп, соработката меѓу Србија и САД е „посилна од кога било“ и дека денес може да се видат „конкретни резултати од нашето силно и растечко партнерство“.

Работите на Моравскиот коридор ги изведува американско-турскиот конзорциум „Бехтел–Енка“, а Титоло додаде дека 2025 година била „значајна, бидејќи воведовме нова ера во односите меѓу САД и Србија“.

„Оваа година имавме историски состаноци на високо ниво меѓу американски и српски функционери. Само ќе го споменам состанокот меѓу американскиот државен секретар и министерот за надворешни работи на Србија, прв по речиси две децении. Најавивме и нов Стратегиски дијалог меѓу нашите земји“, додаде тој.

САД водат „стратегиски дијалог“ со повеќе десетици држави во светот заради унапредување на билатералните односи. Од земјите во регионот, таков дијалог со Вашингтон имаат Романија и Словенија, членки на Европската Унија, како и Македонија – единствена од Западен Балкан, вели РСЕ https://www.slobodnaevropa.org/a/srbija-tramp-administracija-odnosi/33632853.html.

Сепак, факт е дека Соединетите Американски Држави речиси една година немаат амбасадор во Србија.

Иако Трамп во март за таа позиција го номинираше републиканецот Марк Брновиќ, администрацијата во почетокот на октомври го повлече предлогот, без да ги наведе причините.

Кога Доналд Трамп пред една година повторно влезе во Белата куќа, претставниците на српската власт не ја криеја радоста.

Претседателот Вучиќ тогаш објави дека во телефонски разговор со новоизбраниот претседател Трамп истакнал дека Србија била земјата во која Трамп имал најголема поддршка во цела Европа.

„Сигурен сум дека, со поддршка на пријателите – а под пријатели ја сметам целата околина на претседателот Трамп – ќе можеме да направиме тој да ја направи Америка голема, а ние Србија пристојна земја, која ќе може многу добро да соработува со Соединетите Американски Држави“, напиша Вучиќ на 11 ноември 2024 година на Инстаграм по разговорот.

Една година подоцна, за време на говорот на Амбасадорската конференција на Министерството за надворешни работи на Србија во Белград, Вучиќ изјави дека посакуваните поместувања засега не се почувствувале.

Поранешниот амбасадор на Србија во Вашингтон, Иван Вујачиќ, за РСЕ вели дека денес односите меѓу Србија и САД не се особено добри, што го објаснува со највисоките царини во регионот, санкциите кон НИС и забраната за гумите од „Линглонг“.

„Тука имаше поддршка за Трамп и беше создадено јавно мислење во кое се полагаше надеж дека ќе има многу поголемо разбирање за Србија по цела низа прашања. Тоа се покажа неточно“, вели Вујачиќ.

Тој додава дека бил направен обид за приближување кон администрацијата на Трамп преку проектот за ревитализација на комплексот на Генералштабот, оценувајќи дека тоа било направено „на лошо избран начин“.

„Зетот на Трамп во еден момент сфати дека го вовлекуваат во приказна со елементи на корупција и кривични дела и се повлече“, додаде тој.

Компанијата „Афинити партнерс“ на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател, неодамна соопшти дека се откажува од изградбата на луксузен комплекс во центарот на Белград, на местото на урнатиот Генералштаб за време на НАТО-бомбардирањето во 1999 година.

Претходно, обвинителството го обвини министерот за култура на Србија, Никола Селаковиќ, за фалсификување документи врз основа на кои Генералштабот го изгубил статусот на заштитено културно добро.

Официјалните лица го оправдуваа проектот и со тврдења дека тоа е начин за подобрување на односите меѓу Србија и САД, обвинувајќи ги противниците дека го расипале проектот и ги избркале инвеститорите.

На прашањето зошто во Белград верувале дека Трамп ќе заземе поповолен став кон Србија, Сервер вели дека српските власти се чувствувале добро третирани за време на првиот мандат на Трамп.

„И се надеваа дека интересите на семејството Трамп во Белград ќе преовладаат“, вели Сервер.

Александар Вучиќ се сретна со Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат, во септември 2020 година во Белата куќа, кога заедно со тогашниот премиер на Косово, Авдулах Хоти, го потпиша Договорот за нормализација на економските односи меѓу Србија и Косово.

До ден-денес не се исполнети сите обврски од тој договор, познат како Вашингтонски договор.

Токму за прашањето на Косово, официјалните лица во Белград очекуваа повеќе разбирање од американската администрација, но до промена на американскиот став не дојде.

Соединетите Американски Држави беа меѓу првите што го признаа Косово како независно, додека Србија и понатаму не ја признава косовската државност.

До нова средба меѓу Вучиќ и Трамп не дојде, иако Вучиќ кон крајот на април најавуваше дека за време на мајската посета на САД ќе се сретне со американскиот претседател двапати.

Меѓутоа, Вучиќ ненадејно се врати од патувањето, како што беше соопштено, поради силни болки во градите како последица на висок крвен притисок.

Подоцна, на 23 септември, Вучиќ се сретна со американскиот државен секретар Марко Рубио во Њујорк, на маргините на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации.

Според Вучиќ, разговарале за зајакнување на политичкиот дијалог, унапредување на економската соработка и заедничките безбедносни предизвици, при што фокусот бил ставен на решавање на прашањето со американските царини.

Американската администрација во април ѝ одреди на Србија највисока царина за странски производи од сите земји на Западниот Балкан – 37 отсто.

Непосредно пред признанието на Вучиќ дека од Вашингтон нема очекувани поместувања, американската Царина и гранична заштита (ЦБП) издаде налог за задржување на увозот на автомобилски гуми произведени во кинеската фабрика „Линглонг“ во Србија, поради наводи дека биле произведени со користење принудна работа.

Покрај тоа, поради американските санкции кон НИС поради руското мнозинско сопствеништво, беше запрена работата на рафинеријата на НИС за преработка на сурова нафта.

Колкаво е значењето на Србија за САД?

На прашањето каква би можела да биде иднината на српско-американските односи, поранешниот амбасадор Иван Вујачиќ вели дека САД не ѝ придаваат големо значење на Србија.

„Не сме многу високо на нивниот радар“, вели тој.

„Работите се одвиваат по некаква инерција уште од администрацијата на Бајден, како санкциите кон Русија, но факт е дека тоа е притисок врз Русија во рамките на обидите да се постигне мир во Украина“, додава Вујачиќ.

Од друга страна, вели тој, постои и негативен однос кон Кина.

„Затоа кинеското влијание овде сигурно нема да биде нешто што ќе се гледа со одобрување, односно кинеските инвестиции“, оценува Вујачиќ.

Србија е кандидат за членство во Европската Унија, но од декември 2021 година не отворила ниту едно преговарачко поглавје.

Главно поради избегнувањето да воведе санкции кон Русија поради инвазијата врз Украина, како и поради нерешените односи со Косово и состојбата со демократијата и владеењето на правото во земјата.

Покрај тоа, Србија ја зајакнува соработката со Кина – политичката и економската, а во последниве години и воената.

Американскиот професор Даниел Сервер вели дека постои јасно, двопартиско незадоволство во Конгресот и Стејт департментот од Србија и од нејзиното однесување.

„Србија е клучна земја на Балканот, но сè додека одлучува да се позиционира на страната на Русија и Кина, може да очекува студен однос од оние во Соединетите Држави што ги следат случувањата на Балканот“, вели Сервер.

На прашањето дали значењето на Србија се променило во однос на претходните администрации, Сервер оценува дека „можеби се променила перцепцијата на Вашингтон за добрата волја на Белград“.

„Вучиќевата ‘двојна игра’ околу Украина и предизвикувањето проблеми на Косово фрлија долга сенка. Нејзиното отстранување ќе бара одлуки што Вучиќ, изгледа, не е подготвен да ги донесе. Очекувам дека ќе се обиде, веројатно по методите на Додик: скапи лобисти и нетранспарентни договори“, додаде тој.

Соединетите Американски Држави кон крајот на октомври ги отстранија од листата на санкции Милорад Додик, претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), членката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, членови на семејството на Додик, нивните компании и блиски соработници.

Додик беше под санкции поради антидејтонско дејствување, односно поткопување на државата Босна и Херцеговина, а Стејт департментот го образложи укинувањето на санкциите со одлуките на Собранието на ентитетот Република Српска, наведувајќи дека тие треба да „ја подобрат стабилноста на БиХ“.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша Законот за авторизација на националната одбрана, во кој се спомнуваат и земјите од Западен Балкан, како и потребата од нивна евроатлантска интеграција и намалување на енергетската зависност од Русија.

Во законот е изразена и загриженост за состојбата на демократијата во Србија, а се предвидува и дека Србија и Косово треба да тежнеат кон постигнување итен напредок во примената на договорите за нормализација на односите.

Исто така, се наведува дека САД треба да продолжат да го поддржуваат постигнувањето сеопфатен и конечен договор меѓу Косово и Србија, заснован на заемно признавање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ