Иако и другите земји во регионот го зголемија военото трошење, разликата во обемот на купувања останува голема. Така, Србија е на 37-мо место во светот по увоз на сложени системи за оружје, пред некои членки на Европската Унија во регионот, како што се Хрватска и Бугарија.
„Зголемувањето на инвестициите во одбраната најмногу и најдолго го забележуваме во Србија, каде што во текот на последната деценија имаше притисок за обновување на вооружувањето наследено од ЈНА, а политичкото раководство ја препозна политичката и симболичната вредност во ова. Тензиите со Косово веројатно дополнително го поттикнаа размислувањето дека посилниот арсенал е добар адут во преговорите со меѓународните актери“, објаснува за Дојче веле истражувачката на СИПРИ Катарина Ѓокиќ.
Вучиќ: Да се удвојат воените капацитети
Покрај најголемиот обем на увоз на оружје, Србија има и најголеми трошоци за одбрана во регионот. Во периодот од 2020 до 2024 година, реалната вредност на воениот буџет била околу шест пати поголема од буџетот на Албанија, која е втора по трошењето на Западен Балкан.
Српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна објави дека земјата ќе го удвои својот воен капацитет во следната година и пол.
За воениот аналитичар Александар Радиќ ова не е нов тренд. Тој потсетува дека поинтензивното вооружување започнало во 2016 година, кога, како што вели, Вучиќ го препознал потенцијалот на набавката на оружје во политичка и економска смисла.
„Купувањето оружје често е водено од политички мотиви. Понекогаш се добива впечаток дека самата армија е изненадена од она што го добива, бидејќи пред сè се води сметка од кого е купено, а не што е купено“, вели Радиќ. „На пример, ако Вучиќ отпатувал во Пекинг, може да се очекува дека потоа ќе започнат преговори за набавка на воена опрема од Кина“, додава тој.
Добавувачи од сите страни на светот
Според податоците на СИПРИ, Србија во последните пет години увезла сложени системи за вооружување од 13 различни земји. Најголем снабдувач била Кина, првенствено благодарение на набавката на системи за воздушна одбрана со среден дострел, додека најголемите донации дошле од Русија и Белорусија.
Сепак, таа структура наскоро би можела да се промени, вели истражувачката на СИПРИ Катарина Ѓокиќ. Доколку веќе потпишаните договори се спроведат, Франција и Израел би можеле да станат главни добавувачи на Србија.
„За мене, оваа разновидност на добавувачи зборува за две работи: прво, Србија нема воен сојузник, и второ, има доволно пари и подготвеност да зема кредити за најскапите системи за оружје, што ја прави привлечен клиент за разни извозници“, изјави Ѓокиќ за Дојче веле.
Турција и САД се клучни партнери на другите земји во регионот
Другите земји од Западен Балкан бележат значително помал обем на увоз на оружје. Албанија е втора во регионот, но само на 103-то место во светот, со увоз кој, според проценката на СИПРИ е околу шест пати помал од оној на Србија. Косово е рангирано на 118-то место, Македонија на 138-мо место, Босна и Херцеговина на 144-то место, а Црна Гора на 152-ро место меѓу вкупно 166 примачи на комплексно оружје во светот.
„Земјите на НАТО во регионот пред сè одговорија на притисоците од првиот мандат на Трамп за зголемување на воените трошоци и инвестициите во воена опрема. По инвазијата на Русија во Украина, може да се забележи дополнително зголемување на нарачките за оружје“, објаснува Ѓокиќ.
Сепак, во Босна и Херцеговина трендот изгледа поинаку.
„Не забележуваме значително зголемување на инвестициите во армијата, но повеќе се инвестира во опремување на полицијата, што може да влијае на перцепцијата за закана меѓу двата ентитета, со оглед на начинот на кој е организирана полицијата“, додава таа.
Повеќето други земји од Западен Балкан традиционално се потпираат на Соединетите Американски Држави и Турција како главни добавувачи и донатори на воена опрема. Ваквите купувања честопати служат за зајакнување на политичките односи со сојузниците на НАТО.
„Со растот на планираните воени трошоци, регионот станува интересен пазар за други извозници на оружје, првенствено Франција, од која неколку земји очекуваат испораки на разни системи“, вели Ѓокиќ. „И билатералните односи меѓу Албанија и Италија се исто така интересни – Италија веќе донираше патролен брод на Албанија, а е одговорна и за испорака на лесни оклопни возила во наредниот период, финансирани од Европската Унија“.
Чукање во гради
Сепак, Катарина Ѓокиќ предупредува дека вкупниот обем на оружје купено во регионот сè уште останува релативно скромен во глобални рамки.
„Кога добивате неколку нови системи од нула набавки, тоа процентуално може да изгледа драматично. Во комбинација со воинствената реторика на политичките елити и сензационалистичкото известување, тоа создава чувство на несигурност кај соседите и често служи како оправдување за нови инвестиции во вооружување“, вели Ѓокиќ.
Ваквата реторика е дополнително поттикната од неодамна потпишаните договори за воена соработка – меѓу Србија и Унгарија, како и меѓу Хрватска, Албанија и Косово – кои политичките лидери често ги претставуваат како нови воени сојузи.
„Во Албанија се преувеличува српската опасност, исто како што во Србија политиката ја преувеличува опасноста од сите околу нас. Тоа е комбинација од политика и пропаганда што ги оправдува договорите за оружје. „Хрватска сака посебна улога во регионот, особено во однос на Србија, додека другите земји генерално го следат поширокиот регионален тренд“, вели Радиќ.
И Радиќ и Ѓокиќ се согласуваат дека гореспоменатите договори не можат да се сметаат за вистински воени сојузи.
„Тие договори главно се однесуваат на обука, заеднички воени вежби и координација на активности што во голема мера би се одвивале во рамките на структурите на НАТО“, објаснува Ѓокиќ.
Во такви околности, додава Ѓокиќ, НАТО останува клучен фактор за одвраќање во регионот, иако неговата идна улога ќе биде под влијание на пошироката динамика во самата алијанса.






