среда, 28 јануари 2026

Според протечени планови, агенти на ЦИА ќе се „одомаќинат“ во Венецуела по грабнувањето на Мадуро

Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) тајно работи на воспоставување трајно американско присуство на теренот во Венецуела, предводејќи ги плановите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да го искористи своето новооткриено влијание врз иднината на земјата, според повеќе извори запознаени со планирањето. Дискусиите меѓу ЦИА и Стејт департментот се фокусирани на тоа како ќе изгледа присуството на САД во Венецуела на краток и долг рок, по драматичното киднапирање на претседателот Николас Мадуро претходно месецов, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додека Стејт департментот ќе го претставува примарното, долгорочно американско дипломатско присуство во земјата, администрацијата на Трамп веројатно силно ќе се потпре на ЦИА поради политичката транзиција и нестабилната безбедносна ситуација по Мадуро, додаваат изворите.

„Стејт департментот го поставува знамето, но ЦИА е таа што всушност го има влијанието“, изјави за Си-ен-ен извор запознаен со процесот на планирање. Тој истакна дека краткорочните цели на агенцијата вклучуваат подготовка на теренот за дипломатски напори, што вклучува градење односи со локалното население и пружање безбедност.

Краткорочно, американските претставници би можеле да работат од анексот на ЦИА пред да отворат официјална амбасада. Ова би им овозможило да воспостават неформални контакти со членови на различни фракции на венецуелската влада, опозициски личности и да следат трети страни кои би можеле да претставуваат закана, вели изворот, правејќи паралела со работата на агенцијата во Украина.

„Воспоставувањето на анексот е апсолутен приоритет. Пред официјалните дипломатски канали, анексот може да помогне во воспоставувањето врски со венецуелската разузнавачка служба и да овозможи разговори кои дипломатите не можат да ги водат“, кажа поранешен владин претставник на САД кој бил во контакт со Венецуелците.

ЦИА одби да ги коментира овие тврдења. САД редовно испраќаат директори на ЦИА или високи разузнавачки службеници на чувствителни состаноци со светските лидери за да разговараат за прашања засновани на американските разузнавачки информации.

Директорот на ЦИА Џон Ратклиф беше првиот висок функционер на администрацијата на Трамп кој ја посети Венецуела по операцијата за грабање на Мадуро, сретнувајќи се претходно овој месец со привремената претседателка Делси Родригез и воените лидери.

Дел од пораката на Ратклиф до новото раководство за време на неговото патување беше дека Венецуела повеќе не може да биде безбедно засолниште за противниците на Америка. ЦИА веројатно ќе биде одговорна за информирање на венецуелските претставници за релевантните американски разузнавачки информации поврзани со тие противници, вклучувајќи ги Кина, Русија и Иран, според друг извор запознаен со дискусиите.

„Доколку имате намера да ја информирате Венецуела за заканите што ги претставуваат Кина, Русија и Иран, тоа нема да го стори Стејт департментот. Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ДНИ) ќе мора да одлучи кои податоци ќе бидат декласифицирани, а потоа разузнавачките агенти ќе го спроведат брифингот“, кажа поранешниот функционер.

Агентите на ЦИА биле на терен во Венецуела неколку месеци пред операцијата против Мадуро. Во август, агенцијата тајно инсталирала мал тим во земјата за да ги следи моделите на движење и локациите на Мадуро, што помогнало операцијата да успее претходно овој месец, велат извори запознаени со плановите.

Еден од клучните ресурси бил извор на ЦИА кој работел во рамките на венецуелската влада и им помогнал на САД да ја следат локацијата на Мадуро пред неговото апсење, изјавил извор запознаен со операцијата за Си-ен-ен.

Одлуката на администрацијата да ја поддржи Родригез наместо лидерката на опозицијата Марија Мачадо, исто така, се базира на тајна анализа на ЦИА за последиците од заминувањето на Мадуро од власт и краткорочните импликации од неговото потенцијално отстранување.

Строго чуваниот разузнавачки материјал бил нарачан од високи креатори на политики, а се очекува ЦИА да продолжи да дава слични препораки за ситуацијата со раководството во Венецуела во иднина, велат повеќе извори. По киднапирањето на Мадуро, ЦИА сега го насочува својот фокус кон тивко ширење на американското влијание во Венецуела и проценка на перформансите на новото раководство кое го постави.

Но, американските претставници вклучени во раните дискусии сè уште чекаат Белата куќа јасно да ги дефинира своите пошироки цели на мисијата, и покрај тврдењето на претседателот Доналд Трамп дека неговата администрација ќе ја „води“ земјата по киднапирањето на Мадуро. „Тоа ги отежнува работите“, признал првиот извор, додавајќи дека американските претставници планираат да воспостават присуство во Венецуела и очекуваат вистинската цел да биде дефинирана подоцна.

Како резултат на тоа, долгорочните планови на администрацијата на Трамп за Венецуела остануваат нејасни, вклучително и временската рамка за повторно отворање на амбасадата на САД во Каракас. САД ги повлекоа своите дипломати и ги суспендираа операциите на амбасадите во 2019 година. Оттогаш, Одделот за работи со Венецуела работи од Амбасадата на САД во Богота.

Висок функционер на Стејт департментот потврди во понеделник дека „ограничен број американски дипломатски и технички персонал се наоѓаат во Каракас и вршат почетни проценки“. Локалниот персонал бил задолжен за обезбедување на зградата во Каракас за време на дипломатското отсуство, но тоа не значи дека зградата ќе биде во состојба погодна за брзо рестартирање, забележува друг извор.

Посетите ја нагласуваат желбата на администрацијата повторно да воспостави дипломатско присуство во земјата за која Трамп изјави дека САД ќе ја „водат“. Минатата недела тој изјави дека од САД е „побарано“ повторно да ја отворат амбасадата, но не даде дополнителни детали.

Останува да се види како венецуелскиот народ ќе реагира на поотворено присуство на ЦИА во земјата по Мадуро. Со години, Мадуро ја прикажуваше ЦИА како виновник, постојано обвинувајќи ја агенцијата дека се обидува да го собори неговиот режим. Сега ЦИА помогна во уривањето на Мадуро и е подготвена активно да управува со односот на администрацијата на Трамп со новото раководство на Венецуела.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ